Сиропусна недела

Сиропусна недела

Размислување според неделното Евангелие од Матеј 6,14-21, наменето за Сиропусна недела

Започнуваме со постот, за да можеме да го промениме нашето срце, нашето размислување, нашите мисли, чувства и помисли.Затоа е постот… Затоа ни се дава прошка… Го слушавме светото Евангелие, кое вели дека Отецот Небесен ни ги простува гревовите и затоа мораме да ги простиме и ние на нашите грешници. Колку пати? Седум пати или седумдесетпати по седум? Секогаш! Секогаш простувај!

„Ова е време благопријатно, ова е време за покајание; да ги отфрлиме делата на мракот и да се облечеме во оружјето на Светлината! Овие молитвени зборови и повикот на Евангелието на почетокот на Великиот пост не предизвикуваат да ги промениме нашите мисли, чувства и пoмисли. Постот и простувањето му помагаат на човекот под еден услов: Небесниот Отец ни ги простува гревовите кога ние им простуваме на нашите должници. Колку пати треба да простиш? Христос вели седумдесетпати по седум”, односно секој ден! Секогаш простувај!

Оваа недела е недела е на простувањето, односно прочка. Што значи да се прости? Тоа значи да му подадеш рака на ближниот и да му простиш. Да не подадеш рака на ближниот, да не го погледнеш и да не го сретнеш значи да не простиш и да ја затвориш вратата на своето срце пред Бога. Да не простуваш значи дека во тебе нема љубов, да не простиш значи да се затвориш во себе. И тогаш Божјиот благослов поминува покрај тебе. Божјата љубов го исполнува срцето на човекот така што тој ја пренесува на друга личност итн.

Некој вели дека никогаш нема да простам и тогаш Божјата љубов не се пренесува на никого. Затоа Црквата ги моли луѓето: „Простете си еден на друг!“. И тогаш љубовта почнува да дејствува и се отвора Царството Небесно. Затоа Исус Христос вели: „Како што небесниот Отец ни простува, така и ние простувајте“. Значи, првата голема задача на Великиот пост е да им простиме на луѓето. Простувајќи им за сите неправди, клевети и озборувања и секакво зло. Простувајќи им си правиме добро за себе, затоа што не го чуваме злото во нашите срца. И така не се казнуваме, затоа што сме простиле.

Во Евангелието според Матеј се вели: „Љубете го непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат, за да бидете синови на вашиот Отец небесен“.

Иако некои луѓе ни посакуваат зло и прават зло, нѐ убиваат, па дури и сакаат да нѐ закопат. Сепак, од наша страна, на злото мора да одговориме со добро. И тогаш злото не допира до нас, бидејќи се претвора во добро и тогаш стануваме среќни Божји деца. Христос вели: „Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно – заради Мене! (Матеј 5,11). Преку простувањето на другите се открива Божјото синство.

Денешното светото Евангелие зборува за постот. И самиот Исус Христос постел четириесет дни и четириесет ноќи. Зошто постиш? Само да се истоштиш или да се покажеш пред другите? Денес во Евангелието Исус нè предупредува да не постиме за да им се покажеме на луѓето, туку да постиме за да ги промениме нашите срца, умови и мисли.

Исус Христос пости за да може да се бори со ѓаволот. По четириесет дена пост, ѓаволот му приоѓа на Исус и му вели: „Веќе си гладен, постиш четириесет дена и четириесет ноќи, види, овде има камен, и имаш моќ, имаш сила… имаш моќ да го претвориш овој камен во леб, кажи лебот да стане леб“. Исус вели: „Не, зашто човекот не живее само од леб“. Ете како Исус сака ги менува нашите ставови и размислувања, покажувајќи ни дека не прави чуда за Себе! Исус не направи чудо за себе! Меѓутоа, кога подоцна ќе го види гладниот народ и има само пет леба и две риби, ќе им каже на сите да седнат и ќе го направи чудото со умножувањето на лебовите. Значи, Исус прави чудо за другите, не за себе. Тоа е промената на срцето. Луѓето сакаат да имаат повеќе за себе, сакаат да собираат повеќе леб за себе, а не да се грижат за другите. Постот ни се дава за да ги промениме нашите срца, да излеземе од нашата себичност за да можеме да ги видиме потребите на другите, за да можеме да го поделиме својот леб со другите, за да можеме да направиме чудо, можеби и мало, споделувајќи парче леб со другите. Значи, првата задача на постот е да го промениме срцето за да можеме лебот да го поделиме со оние што го немаат.

По првото искушение доаѓа второто големо искушение за Христа. Ѓаволот го води Исуса на висока планина и вели: „Погледни го ова големо царство, поклони ми се и сето тоа е твое, ќе бидеш богат и ќе владееш над другите“. Исус вели: „Бегај подалеку од мене сатано, јас не дојдов да владеам, туку да служам и да го дадам својот живот за другите“. Значи, втората голема промена на срцето, промената на размислувањето, е кога не размислуваме само да владееме со другите, туку размислуваме да им служиме на другите, да се сретнеме со другите, да допреме до другите, да ги чувствуваме потребите на другите, да плачеме со другите, да се радуваме со другите. Христијанин е оној кој служи. „Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“, вели Христос. Значи, постот треба да го промени нашето срце, нашиот ум од положба на господарење во положба на служење.

Тогаш ѓаволот го носи Христос на високо место и му вели: „Фрли се, имаш ангели под тебе, ќе те земат, ќе те носат во раце, ќе те поздравуваат сите таму, ќе станеш голем јунак, ѕвезда.” Исус вели: „Не искушувај Го Господа, твојот Бог“. Поуката е да не се грижиме за нашата слава, за тоа како да станеме ѕвезда, туку да имаме срце кое е чувствително на потребите на другите, да имаме слух што е чувствителен на плачот на другите, на потребите на другите. За ова треба да нѐ подготви постот.

Значи, кога постиме, се воздржуваме од нешто, но воздржувањето од нешто за себе не е доволно. Треба да го отвориме своето срце за да ги видиме другите, да им даваме на другите, да им служиме на другите, да почувствуваме потреба од другите. Таков пост е постот што му е угоден на Господа, тоа е постот што нè води во Царството Божјо.

Во оваа недела, Божествената Литургија нè повикува на две длабоки работи за време на Великиот пост: да имаме срце за простување и срце чувствително на потребите на другите. Посебно за време на постот, поканети сме да правиме чуда, мали чуда, имено, кога некого слушаме, некому помагаме, поддржуваме некого, ја чувствуваме бедата и потребата на друга личност. Ова е евангелска задача за секој од нас.

Сите да побрзаме да ги правиме овие мали чуда, за подоцна да можеме да правиме големи чуда, бидејќи од малото започнува големото, мора да растеме и во духовниот живот. Треба да умреме малку за себе, за својата себичност, за да можат другите да живеат, а ако Господ тоа го бара, да можеме и ние да го дадеме својот живот за другите.

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот