Имаш ли време за Бог?

Имаш ли време за Бог?

Денот има 24 часа. Како се служиш со нив? Кому и на што ги посветуваш тие часови? Можеби вака: осум часа спиеш, осум часа работиш. Два часа трошиш за оброци, два часа гледаш телевизија или читаш весници, два часа си со пријателите во разговор, пиеш кафе, еден час трошиш за одмор, рекреација, прошетка… Тое се 23 часа. Ти останува уште еден час. Што со него? Можеби тој еден час време го земаш за молитва? За Словото Божјо?

Мислам брзо ќе се согласиме дека денес време за молитва не е лесно да се најде. Кои се причините за тоа? Ритамот на животот на денешните луѓе е многу забрзан. Сѐ повеќе обврски преземаме на себе за некои други работи. Понатаму многу различни понуди нè привлекуваат претставувајќи се како најважни во нашиот живот што исто има за последица наврзаност и одземање на времето за молитва. Да ја разберевме моќта на тие средства за комуникација и нашата немоќ да им се спротивставиме доволно е да се сетиме на времето кое го посветуваме на гледање телевизија, интернет, мобилен, одење во спортстка обложовалница и слично.

Наведеното би можеле да го наречеме надворешни причини за неземање време за молитва. Но, постојат ли внатрешни причини?

Има време, времето лета или времето бавно минува – сите тие се релативни поими. Зависи од тоа кому му го посветуваме времето. Ако сме со некој кој ни е драг имаме време, времето брзо поминува и секогаш е малку. Напротив се работи ли за личност која не ја поднесуваме немаме време и времето никако да помине.

Прашањето за времето е прашање на приоритети. Си земаме време за она што ни е важно: за семејството, за пријателите, хоби… Затоа кога некој вели дека за нешто или за некого нема време треба да ги провери своите приоритети. Ако каже дека нема време за молитва значи дека молитвата не му е на прво место. Ако немаме време за молитва сето друго ни станува поважно од она што е најважно – а тоа е Бог. Ако ја занемариме молитвата тогаш губиме ориентација.

Можеби сме искусиле, а ако не сме можеме да насетиме што значи ако го загубиме компасот а се наоѓаме во непознат крај како непрегледна шума. Слично е во секојдневието. Ако го загубиме „компасот“ не знаеме ниту кој сме, ниту кој се другите, ниту каде одиме, ниту што е важно, а што не е важно. Тогаш ни се случува она што Исус го кажал: „Оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости?“ (Мк 8, 36)

Понекогаш помислуваме дека со молитвата го губиме времето. Ако поверуваме во тоа сме наседнале на голема лага затоа што добро знаеме како „загубеното“ време посветено на пријателите е многу скапоцено. А колку само вреди да се „загуби“ времето за Пријателот Бог? Како што не жалиме за времето кое сме го посветиле на хигиена, хранење и вежбање на телото исто така – и уште помалку – би требало да жалиме за времето посветено за душата. Тоа ќе го сфатиме дури кога ќе ја откриеме вредноста на молитвата. Вредноста на молитвата ќе ја сфатиме кога ќе го отикриеме Бог и важноста на средбата со Него.

Времето е дар, но и задача. Од нас зависи кого ќе му го даруваме и на што ќе го потрошиме. Важно е да бидеме свесни дека времето кое сме му го посветиле на молитвата не е залудно потрошено време.

фра Маринко Шакота/Гласник Мира /к.мк

Категорија: Вера, Духовност
Ознаки Време, молитва

За авторот