Свети Константин и Елена
На 3 јуни Црквата го слави празникот на свети Константин и неговата мајка царица Елена. Констанин Флавиј Валериј, покасно цар Константин е роден 274 година во Наисус (Ниш), од татко Константиј Флор и мајка Елена. По смртта на неговиот татко, 306 година од страна на војската е прогласен за совалдетел на северозападот од Римското царство.
Пред да се зацари Константин имаше три големи битки: една против Максенциј, тиранин во Рим, друга против Скитите на Дунав и трета против Византинците. Пред борбата со Максенциј, кога Константин се сомневаше во својот успех, поради очигледната воена надмоќ на непријателот, среде бел ден му се јави крст на небото, украсен со ѕвезди, а на крстот напишано: „Со ова победувај!“ Восхитен од глетката Константин нареди да направат голем крст, сличен на тој што му се јави и да го носат пред војската. Со силата на Крстот тој стекна славна победа над бројно надмоќниот непријател. Максенциј се удави во реката Тибар. Веднаш потоа, во 313 година Константин го издаде познатиот Милански едикт. Со тој едикт престанаа гонењата на христијаните во Римското царство.
Кога во Црквата настана раздор заради еретикот Ариј, царот Константин во 325 година го свика Првиот Вселенски Собор во Никеја, каде што беше осудено кривоверието на Ариј.
Неговата мајка царица Елена е заслужна за пронаоѓањето на остатоци од Чесниот Крст Господов.
На што нѐ поучува денешниот празник? Константин ни дава пример како се победува надмоќта на непријателот. Со крстот Господов. А зарем нашиот непријател не е гревот, злото, зарем многу пати во нашето секојдневие не се чувствуваме дека е понадмоќно над нас? Но со крстот Господов можеме да победиме.
А царица Елена нѐ подучува дека треба постојано и упорно да го бараме Господ, да не се откажуваме, всушност како што таа го бараше Крстот Господов.
К.мк/го*ко