Христос нè чека во исповедта за да ни каже „жено се ослободуваш од болеста своја.“

Му робуваме на времето оти „секогаш немаме време“ и не можеме да се сретнеме со Него, врзани сме на материјалното бидејќи сакаме да имаме нов автомобил, или пак куќата не ни допаѓа, фатени сме од мрзеливоста и не сакаме да разговараме со нашиот Создател, а половина од слободното време го минуваме озборувајќи и така товарот секојдневно се надополнува, а ние постепено се згрбуваме.

Врзани сме од нашата немоќ да го слушаме Неговиот глас кој секоја недела зборува преку Евангелието, бидејќи немаме време. Немоќни сме да го препознаеме во ближниот кој е во потреба, во оној кој живее на улица, затоа што нашите мисли се окупирани со новиот автомобил. Немоќни сме да разговараме со Него, имам многу обврски, често сме изморени, молитвата е долга и се повторуваат само исти зборови и понатаму остануваме затворени, не Му даваме да допре до нас, не му даваме место во животот, и така остануваме во болеста своја 18 години, остануваме згрбавени. Можеби се плашиме од прстот кој ќе го покажат кон нас?

Нè чека, на крстот со раширени раце за да не ослободи од нашата немоќ која не ни дава да му се приближиме. Доволно е само да му пријдеме поблиску и веднаш штом нè виде, ќе го слушнеме нашето име, ќе нè повика, за да нè ослободи од нашата болест. Бара да му го донесеме нашиот товар од грижи, проблеми, товарот на гревовите, наврзаноста на метеријалното, да му ги предадеме и да Му кажеме: „Еве Господи носи ги ти“. Да му ги дадеме Нему да ги закова на крстот. За да не дозволиме да нѐ наведнуваат понадолу. Тогаш ќе бидеме слободни, тогаш ќе имаме време да разговараме со Него, тогаш ќе сме исправени. И тогаш ќе можеме да ја видиме Божјата убавина, да ја видиме Љубовта која виси на крстот, која сака да ги одземе сите наши ограничување и слабости и да не направи совршени. Тогаш ќе имаме радост, надеж…

Христос нè чека во исповедта за да ни каже „жено се ослободуваш од болеста своја.“ Нè чека во Причеста за „да ги стави рацете Свои врз нас“.

Пишува: Данче Ичева

Категорија: Размислување, Свет

За авторот