Нашминкана монахиња

Една од важните работи за жената е нејзиниот изглед. Да бидеш секој ден на нов начин привлечна и симпатична е важно во животот на многу жени. Едни со шминка ги сокриваат цртите на лицето за да изгледаат „подобри“, други со пластична операција постигнуваат „убави црти“ за да изгледаат поубаво. Некои успеваат во своето разубавување, а некои со шминката толку претеруваат што дури е непријатно и да ги погледнеш.

Но, постои една важна група на жени. Тие имат посебна шминка. Тие имат посебен имиџ, посебна облека, по која насекаде и секогаш се препознатливи. Тие имат поинакво лице, поинакви очи и поинакви зборови од другите жени. Тие имат поинаков пристап, настап и поинаква љубов. Целиот нивен живот е да го заведат другиот – за Христос! Нивните раце ги милуваат изнемоштените, изморените и старите. Својата прегратка ја нудат на отфрлените, презрените и неугледните. Кај нив своето зајдисонце го наоѓаат илјадници луѓе по разни болнички заводи. Тие не се како овој свет и не се од овој свет, а го освоиле целиот свет! Дете, возрасен човек и старица ги нарекуваат: ЧЕСНИ СЕСТРИ! По што се тие поинакви? Во што е посебноста на нивните шминки? По што се тие различни од другите жени?

ШАМИЈА: Тоа е „шеширот“ кој секоја монахиња го носи на главата. Многу жени и девојки се движат по разни скапи бутици за да пронајдат вистински шешир, кој ќе им одговара, кој че им се допадне на сите. Некои ги имаат многу, па ги менуваат за да изгледат привлечни. Монахињите имат само еден шешир бидејќи му се допаднале само на еден кој ги избрал: Исус Христос!

ЛИЦЕ: Жените трошат многу на разни козметички кутии и комплети за разубавување на лицето. Затоа многу козметички компании им излегуваат во пресрет со привлечните реклами: Ако сакате да бидете убави…, Сакате ли да ја сочувате свежината…, Само за нежно лице… Нудат руменила, пудри,маски, сенки, моливи и тушеви – сѐ за убава жена! Многу од нив ќе испробат сѐ и на крајот – не чини ништо! На монахињите не им требат ниту маски, ниту пудри! Нејзиното лице е чисто и неоптеретено. На нејзиното бело лице ја читаш чистотата на душата. Тоа е нејзината шминка! Сите тие други помагала не и се потребни.

ОЧИ: Шминката која ги краси очите на монахињите е јасниот поглед во длабочината само на едни очи кои пружат сѐ и кои со својата убавина ги привлекле – Христовите!

УСНИ: Некои жени ги бојат усните со црвено, некои во розово, а некои прават тенка црвенкаста граница околу усните. Некои ги користат сите можни видови на кармини за да им се совпаѓаат со лакот на ноктите, со бојата на кондурите, со капата на главата. Кај монахињите нема толку компликација. Нивните усни се премачкани само со еден кармин – молитвата! И сѐ со сѐ се совпаѓа!

ПРСТЕН: Монахињите го носат најзлатниот, најубавиот и најскапиот прстен на светот. Нејзиниот свршеник го платил со својата крв!

БРОЈАНИЦА: Кај многу монахињи околу појасот им виси бројаницата. Современите жени околу вратот стават златен или сребрен ланец, со детелина од четири лисја за среќа, сидро за надеж, клуч за отворање на срцето, првата буква на омиленото име… Сите празноверија на овој свет ѝ висат околу вратот! Кај монахињите постои ланец со крстот Христов на вратот и бројаницата за Богородица на појасот. На тие две ланчиња виси и зависи сѐ: небото и земјата, сегашноста и иднината, длабочината и висината, смртта и животот, ти и јас. Додека за тие ланци сме врзани, добро е – ќе бидеме најслободни!

ФУСТАН: Кај некои девојки правило е: што пократко, тоа подобро; колку попровидна, толку по квалитетна. Шарени фустани, фармерки. Монахињата од првиот ден на себе ја носи својата венчаница. Како што првиот ден се облекла за својот свршеник во најубавиот фустан на светот – фустанот на својата заедница, дружба – не го соблекува цел живот. Кај некои тие венчаници се црни, кај други се кафеави, сиви, бели. Различна облека, различно се викат: фрањевки, милосрдници, каремеличанки, Служителки на малиот Исус. Облеката е различна, а целта е иста: да му се допаднат само на еден и да сакат еден единствен – својот љубен свршеник – Христос! Навистина, прекрасно е секој ден да видиш нашминкана монахиња!

Лаудато/Д.И.

За авторот