Монсињор Габриеле Кача, постојан набљудувач на Светиот Престол во Обединетите нации, на 18 октомври говореше на Третиот комитет на Генералното собрание на Обединетите нации за заштитата на човековите права и истакна дека достоинството е вродено во животот на секој човек, еднакво е во сите луѓе и е дадено од Бога: човековите права не се привилегии дадени од држави или влади, туку нивна должност е да ги промовираат и заштитат.
Свеченото прогласување на Универзалната декларација за човекови права, пред 75 години, сè уште, за жал, е во спротивност со болната реалност на прекршувања, недостаток на верска слобода, војни и насилство од секаков вид – истакна надбискупот Габриеле Кача, постојан набљудувач на Светиот Престол во Обединетите нации, говорејќи на 18 октомври на Третиот комитет на Генералното собрание на Обединетите нации за заштита на човековите права.
Не може да се зборува за човекови права додека сме сведоци на геноцид, масовни депортации, ширење на нови облици на ропство речиси на глобално ниво, како што се трговијата со луѓе, потоа деца војници, експлоатација на работници, илегална трговија со дрога и проституција. Дури и во земјите со демократски облици на владеење, овие права не се секогаш целосно почитувани – истакна надбискупот и додаде, нашата заедничка мисија е да обезбедиме овие универзални права да ги уживаат сите, секаде, во сите периоди од животот.
Изворот на човековите права се наоѓа во самиот човек
Надбискупот го започна својот говор објаснувајќи дека човековите права ги имаат своите корени во достоинството кое му припаѓа на секое човечко суштество, дека тоа достоинство е вродено во човечкиот живот, еднакво е во секој човек и е дадено од Бога, и затоа крајниот извор на човековите права не треба да се бараат во само волјата на човекот, во реалноста на државата, во јавните власти, туку во самиот човек и во Бога, неговиот Создател. Затоа, човековите права не се отстапка на државата или владата – истакна надбискупот Кача, туку, згора на тоа, нивна должност е да ги промовираат и заштитат.
Непочитувањето на личноста ги загрозува темелите на човечкото општество
Универзалната декларација за човекови права признава дека човечкото достоинство е темелот на еднаквоста – потсети постојаниот набљудувач на Светиот Престол и додаде дека секој член на човечкото семејство има непроценлива вредност и дека неговото непочитување и недоволната заштита ги загрозуваат самите темели на човечкото општество. Правото на живот е во центарот на почитувањето на еднаквата вредност на секој човек, а без него ниту едно друго право не може да се оствари ниту да се ужива – истакна надбискупот Кача, потсетувајќи на апелот на папата Фрањо до совеста на мажите и жените со добра волја, кој го упати на 9 јануари во говорот пред Дипломатскиот кор, акредитиран во Светиот Престол, да се залагаат за заштита на правата на најслабите и да се борат против културата на отфрлање што ги погодува неродените, болните, инвалидите и постарите лица.
Слобода на вера или уверување
Надбискупот истакна исто така дека нема заштита на човековото достоинство без гаранција на основните слободи и дека почитувањето на човековите права е неопходно за растот на секој поединец. Во таа насока, Светиот Престол посочува дека вистински показател за заштитата на човековите права е нивото на кое луѓето во една земја уживаат слобода на вероисповед или уверување – рече надбискупот Кача, нагласувајќи, дополнително, дека поимот на правото е поврзано со прашањето за должноста што го има секое човечко суштество и дека правата и должностите не само што се комплементарни, туку и нераскинливо поврзани. Оваа поврзаност има и социјална димензија во човечкото општество, бидејќи правото на една личност одговара на должноста на другите да го признаат и почитуваат тоа право – објасни надбискупот Кача и на крајот рече дека е контрадикторно да се потврдуваат права, а да не се признаваат соодветните одговорности.
Ватикан њуз/к.мк