Воскресна порака на папата Фрањо Urbi et orbi – До градот и светот

Воскресна порака на папата Фрањо Urbi et orbi – До градот и светот

Во неделата на Воскресението Господово, папата Фрањо испрати велигденска порака и го упати благословот Urbi et orbi – до градот и светот од централната ложа на ватиканската базилика Свети Петар, молејќи се посебно за Светата Земја, Украина, Мјанмар, Сирија, Либан и Африка, како и за жртвите на трговија со луѓе, за неродените деца и за сите кои минуваат низ тешки времиња. Преводот на пораката на Светиот Отец ви го пренесуваме во целост.

Порака на Неговата Светост Папата Фрањо „Urbi et Orbi“

Недела а Воскресението, 31 март 2024 година

Централна ложа на Ватиканската базилика

Драги браќа и сестри, Честит Велигден!

Денес, во целиот свет одекнува навестувањето кое дојде од Ерусалим пред две илјади години: „Исус од Назарет, распнат, воскресна!“ (сп. Марко 16, 6).

Црквата повторно го доживува чудото на жените кои отишле на гробот во зорите на првиот ден од седмицата. На Исусовиот гроб беше поставен голем камен. Дури и денес, тешките, претешки камења ја блокираат надежта на човештвото: камењата на војната, камењата на хуманитарните кризи, камењата на кршењето на човековите права, камењата на трговијата со луѓе и други. И ние, како и жените Исусовите ученички, се прашуваме: „Кој ќе ни ги оттргне овие камења?“ (сп. Марко 16,3).

И еве го отркритието на Велигденското утро: каменот, тој голем камен, веќе беше оттргнат. Чудото на жените е и наше чудо: Исусовиот гроб е отворен и празен! Сè почнува од таму. Низ тој празен гроб минува нов пат, пат кој никој од нас не можеше да го отвори, туку само Бог: патот на животот среде смртта, патот на мирот среде војна, патот на помирувањето среде омраза, патот на братството среде непријателство.

Браќа и сестри, Исус Христос воскресна, само Тој може да ги отстрани камењата што го блокираат патот до животот. И многу повеќе, Самиот Тој, Живиот, е Патот: Патот на животот, мирот, помирувањето, братството. Тој ни отвора премин кој човечки гледано е невозможен, бидејќи само Тој го зема гревот на светот и ни ги простува гревовите. Зашто без Божјото простување тој камен не може да се отстрани. Без простување на гревовите, нема излез од затвореноста, предрасудите, меѓусебните сомнежи, вообразеноста во кои секогаш себе се ослободуваме, а другите ги обвинуваме. Само Воскреснатиот Христос, давајќи ни простување на гревовите, го отвора патот за обновен свет.

Само Тој ни ја отвора вратата на животот, вратата која постојано ја затвораме со војните кои се шират низ светот. Денес, нашиот поглед го насочуваме пред сè кон Светиот град Ерусалим, тој сведок на таинствата на Исусовите страдања, смртта и воскресението, и кон сите христијански заедници во Светата Земја.

Пред се во мислите ги имам жртвите на многуте конфликти кои моментално се случуваат во светот, почнувајќи од војните во Израел и Палестина, како и во Украина. Нека Воскреснатиот Христос го отвори патот кон мирот за измаченото население од тие краишта. Повикувајќи на почитување на принципите на меѓународното право, ја изразувам мојата надеж за општа размена на сите затвореници меѓу Русија и Украина: сите за сите!

Понатаму, повторно апелирам да се гарантира пристап до хуманитарна помош во Газа и го повторувам мојот повик за итно ослободување на заложниците киднапирани на 7 октомври минатата година, како и за итен прекин на огнот во Појасот Газа.

Да не дозволиме сегашните непријателства да имаат сериозни последици врз веќе истоштеното цивилно население, особено врз децата. Колку страдање гледаме во очите на децата; децата во тие воени земји заборавија да се насмевнуваат. Со нивниот поглед нѐ прашуваат: зошто? Зошто толку многу смртни случаи? Зошто толку многу уништување? Војната е секогаш апсурдна, војната е секогаш пораз! Да не дозволиме над Европа и Медитеранот да дуваат се посилните воени ветришта. Не смее да се подлегне на логиката на оружјето и повторно вооружување. Мирот никогаш не се гради со оружје, туку со подадени раце и отворени срца.

Браќа и сестри, да не ја заборавиме Сирија, која тринаесет години ги трпи последиците од долгата и разорна војна. Многу мртви и исчезнати, многу сиромаштија и уништување чекаат одговор од сите, вклучително и од меѓународната заедница.

Денес, мојот поглед е насочен на посебен начин кон Либан, каде што веќе подолго време трае блокадата на институциите и длабоката економско-општествена криза, која сега дополнително се влошува со воените дејствија на границата со Израел. Нека Воскреснатиот го утеши саканиот либански народ и нека ја поддржи целата земја во нејзиниот повик да биде земја на средба, соживот и плурализам.

Посебно мислам на Западен Балкан, каде што се преземаат значајни чекори кон интеграција во европскиот проект: етничките, културните и верските разлики не смеат да бидат причина за поделба, туку треба да станат извор на богатство за цела Европа и за цел свет.

Исто така, ги охрабрувам разговорите меѓу Ерменија и Азербејџан, така што, со помош на меѓународната заедница, е можно да се продолжи дијалогот, да им се помогне на раселените, да се почитуваат богослужните места на различни верски конфесии и да се постигне конечен мировен договор што е можно поскоро.

Воскреснатиот Христос нека го отвори патот на надежта за луѓето кои страдаат од насилство, конфликти, прехранбена несигурност, како и последици од климатските промени во другите делови на светот. Господ нека ги утеши жртвите на сите форми на тероризам. Да молиме за оние кои ги загубија животите и да молиме за покајание и преобраќање на сторителите на овие злосторства.

Воскреснатиот нека дојде на помош на народот на Хаити за да може што поскоро да престане насилството од кој е погоден и предизвикува крвопролевање во таа земја за да може да напредува на патот на демократијата и братството.

Нека им даде утеха на Рохинџите, погодени од тешка хуманитарна криза, и нека го отвори патот за помирување во Мјанмар, кој со години е растргнат од внатрешни конфликти, за да може еднаш засекогаш да се отфрли секоја логика на насилство.

Господ нека го отвори патот за мир на африканскиот континент, посебно за страдалното население во Судан и целиот регион Сахел, во Африканскиот Рог, во регионот Киву во Демократска Република Конго и во провинцијата Капо Делгадо во Мозамбик, и нека прекине долготрајната суша која зафати големи области и која предизвикува сиромаштија и глад.

Воскреснатиот со своето светло нека ја осветли иднината мигрантите и оние кои минуваат низ период на економски тешкотии, обезбедувајќи им утеха и надеж во моментот на нивната потреба. Нека Христос ги поведе сите луѓе со добра волја да се обединат во солидарност, да се соочат заедно со многуте предизвици што ги надвиснуваат најсиромашните семејства во нивната потрага по подобар живот и среќа.

На овој ден, во кој го славиме животот што ни е даден во воскресението на Синот, да се потсетиме на бескрајната Божја љубов кон секој од нас: љубов која ја надминува секоја граница и секоја слабост. А сепак, колку често се презира скапоцениот дар на животот. Колку деца не можат ни да ја видат светлината? Колку од нив умираат од глад или се лишени од основните лекови или се жртви на злоупотреба и насилство? Колку животи се тргуваат поради се поголемата трговија со луѓе?

Браќа и сестри, на денот кога Христос не ослободи од ропството на смртта, ги повикувам сите оние со политичка одговорност да не штедат напори во борбата против злото на трговијата со луѓе, неуморно да работат на разбивање на мрежата на експлоатација и да донесат слобода на сите оние кои се нејзини жртви. Господ нека ги утеши нивните семејства, посебно оние кои со нетрпение очекуваат вести за своите најблиски, гарантирајќи им утеха и надеж.

Велигденската светлина нека ни го просветли умот и ни ги преобрати срцата да станеме свесни за вредноста на секој човечки живот, кој треба да биде прифатен, заштитен и сакан.

Честит Велигден на сите!

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот