Папата: „Не“ за непостојаната работа и работа на црно

Папата: „Не“ за непостојаната работа и работа на црно

Примајќи ги во аудиенција лидерите на Италијанскиот национален институт за социјално осигурување, папата Фрањо истакна дека пензискиот систем во Италија е облик на благосостојба што собира различни генерации, покажувајќи дека сме меѓусебно зависни еден од друг: ни требаат мудри политичари кои се водат според критериумите на братството и кои идните генерации не ги оставаат во тешкотии трошејќи ги ресурсиите

Во денешното општество, кое изгледа дека го изгуби погледот за иднината, кое се приспособи на сегашноста не интересирајќи се што може да се случи со идните генерации, и во кое еколошката криза и јавниот долг се оптоварени на грбот на младите се загрижувачки, а социјалното осигурување е сè поактуелно прашање – истакна Папата Фрањо обраќајќи им се на лидерите на Италијанскиот национален институт за социјално осигурување, кои во понеделник 3 април 2023 година ги прими во аудиенција во Апостолската палата во Ватикан. Искуството на таа институција во Италија, која полни 125 години, е драгоцено – истакна Папата и додаде: Тоа е богатство што се додава на богатството на ораториите во парохиите и на широко распространето волонтерство.

Меѓусебно сме зависни еден од друг

Социјалното осигурување е форма на благосостојба што ги држи различните генерации заедно; имено, пензијата на работниците се издржува благодарение на работниот стаж, но и поради тоа што некој друг конкретно плаќа преку неговата дејност; исто така и на странските работници кои се уште немаат италијанско државјанство – истакна Папата. Затоа, за да функционира пензиското осигурување – посочи тој – предуслов е да постои силна врска меѓу генерациите.

Сепак, неопходно е да се земе предвид проблемот со демографската зима; недостигот на промена на генерации, имено, може системот на социјално осигурување да го доведе во тешкотии, во кои во секој случај излегува дека се е поврзано и дека сме заемно зависни еден од друг – истакна Папата и додаде:

Општествениот живот се одржува благодарение на мрежите за солидарност на заедницата. Заедничкото добро поминува низ секојдневната работа на милиони луѓе кои го делат принципот на солидарност меѓу работниците.

Три апели од Папата

Со цел социјалното осигурување да одговори на предизвиците на општествата кои, како и италијанското, стануваат сè постари, Светиот Отец упати три апели во кои нагласи „не“ за работа на црно, „не“ за злоупотреба на привремената работа и „да“ за достојна работа. Имено, работата на црно не им дозволува на семејствата да придонесат и да пристапат, согласно законот, до пензискиот систем. Дополнително, објасни тој, тоа го нарушува пазарот на труд и ги изложува работниците на форми на експлоатација и неправда.

Што се однесува до непостојаната работа, папата Фрањо препорачува таа да биде „привремена“, бидејќи нејзиното продолжување доведува до недоверба, фаворизира одложување на животните одлуки на младите, го одложува влезот во системот за социјално осигурување и го зголемува падот на наталитетот. На крајот, работата секогаш треба да биде слободна, креативна, партиципативна и солидарна – додаде Папата, повикувајќи се на апостолскиот поттик Evangelii gaudium .

Социјалното осигурување е форма на учество во сопствената благосостојба и благосостојбата на другите. Одвојувањето од економските ресурси и гарантирањето на пристапот до здравствената заштита се скапоцени добра кои заедно одржуваат различни животни фази.

Добро и лошо осигурување

Има добро и лошо осигурување – истакна Папата и напомена дека Библијата ни дава примери. Првата е осигурувањето на оној кој мисли само за себе, како што покажува евангелската парабола за скржавецот кој има сè поголеми складишта изградени за складирање на неговите добра. Но, оние кои трупаат само за себе, на крајот се мамат самите себе – забележа Папата и додаде: Оној што се затвора во лажна сигурност нема иднина. Овој човек е убеден дека си обезбедил мирна и богата иднина за себе, но Бог му кажува дека дошол неговиот час, давајќи му до знаење дека нема да ужива во тоа што го подготвил.

Доброто осигурување, напротив, е на патријархот Јосиф – објасни Папата – кој, откако стана управител на Египет, се обидува да го остави на страна житото во годините на изобилство за да може подобро да се соочи со времето на глад. Јосиф практично се доверува во Божјата промисла и ја признава, а освен тоа, се покажува и далекувид за доброто на луѓето. Накратко, тој знае да гледа напред и се грижи за луѓето што му се доверени. Затоа, според мислењето на Папата, повикот на Италијанскиот национален институт за социјално осигурување е да се грижи за иднината на луѓето.

Потребни ни се мудри политичари, кои се водат по критериумот на братство и кои знаат да ги разликуваат годините, избегнувајќи да ги трошат ресурсите кога ги имаат не оставајќи ги идните генерации во големи тешкотии.

На крајот, Папата изрази надеж дека конкретното право на пензија ќе продолжи да биде можно и дека културата на заедничко добро, социјална сигурност и одржливост ќе расте во италијанското ткиво, кое за да биде економско одржливо потребно е да биде и социјално.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот