Светиот Отец до агенциите на ООН: Време е да се спротивставиме на културата на отфрлање

Време е за општа мобилизација како би се спротивставиле на „културата на отфрлање“ – е апел на папата Фрањо кој го упати сретнувајќи се на 9 мај со директорите на агенциите на Организацијата на обединетите нации, кои ги предводеше главниот секретар Бан Ки Мун. Папата, говорејќи на шпански јазик, се заблагодари на Обединетите нации за заземањето во корист на мирот и почитувањето на човековото достоинство и изрази надеж за посилен дух на учество и солидарност од страна на меѓународната заедница.

Да се соберат на преговарачка маса сите кои се борат, да се донесе храна на изолираните места, да се вакцинираат децата кои без вакцина се осудени на смрт. Илјадници мажи и жени секој ден – под знакот на Обединетите нации – се заземаат, често и далеку од рефлекторите, како би го направиле светот подобар и би овозможиле поддршка на најсиромашните. На нив папата Фрањо им се заблагодари во говорот, во кој веднаш ги спомна настојувањата на Организацијата на обединетите нации во корист на мирот, човековото достоинство и заштитата на најслабите. Веќе одамна е зацврсната соработката помеѓу Црквата и ОН, а Светиот Отец посебно се присети на бројните посети на светиот Иван Павле II. на Стаклената палата во Њујорк, како и на седиштата на ОН во Женева, Виена, Најроби, Хаг и секако во Рим.

Оддавајќи признание за резултатите кои таа организација ги постигна, што се однесува на Милениумските развојни цели, посебно на подрачјето на воспитување и разбивање на сиромаштвото, папата Фрањо истовремено забележа дека народите заслужуваат и се надеваат, на уште подобри плодови. Впрочем – додаде – не треба никогаш да се запре на постигнатите резултати, туку треба секој пат уште повеќе да се зазема. Бидејќи развојните цели треба да бидат обликувани несебично и храбро, бидејќи само така – според зборовите на Папата – ќе влијаат на структурните причини за сиромаштво и глад, на зачувување на околината, на гарантирање на достоинствена работа за сите луѓе, како и на соодветна заштита на семејството.

Станува збор посебно за тоа – предупреди Папата – дека треба да се соочиме со сите облици на неправда, спротивставувајќи се на економијата на исклучување, културата на отфрлање и културата на смрт, која, за жал, би можела да стане пасивно прифатен менталитет. Затоа Светиот Отец потсети на средбата на Исус со богатиот цариник Закхеј, кој донесе радикална одлука на солидарност и праведност. Тоа е дух со кој би требало да започне и да заврши секое политичко и економско делување – истакна Светиот Отец.

Поглед, често без глас, делот на човештвото кој е отфрлен, оставен зад грб, мора да ја покрене совеста на политичките и економски сили и да поттикне на несебични и храбри одлуки кои ќе имаат индиректни резултати, како одлуката на Закхеј – напомена Папата и истакна дека треба да се запрашаме дали тој дух на солидарност ги води сите наши мисли и целото наше делување. Треба да се заштити животот од неговото зачнување до неговата природна смрт и несебично и обилно да се врати она што можеби неправедно сме го одземале на другите – рече Светиот Отец.

Промовирањето на великодушна, делотворна и конкретна отвореност за потребите на другите – додаде Папата – треба да биде секогаш над економските и општествени системи и теории. Исус не бара од Закхеј да ја промени својата работа, ниту да ја пријави својата трговска активност; Тој само го наведува на тоа слободно, и тоа веднаш, без расправање, да стави сè во служба на луѓето. И праведен економски и општествен напредок, може да се постигне само ако научните и технички можности се спојат со постојано заземање во солидарност, и тоа покрај несебична бесплатност која е без интерес на сите нивоа – напомена Папата.

Таков развој има свој темел во оправданата прераспределба на економските благодати од страна на државите и тоа по пат на неопходно потребна соработка на приватните економски активности и граѓанското општество. Ве повикувам заедно да промовирате вистинска светска етичка мобилизација која, без оглед на било каква верска разлика или политичко мислење, ќе го прошири и примени заедничкиот идеал на братство и солидарност, посебно кон најсиромашните и исклучените – истакна на крајот Светиот Отец.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот