Патувањето на Папата во Африка беше обележано со радост, надеж и одговорност

Патувањето на Папата во Африка беше обележано со радост, надеж и одговорност

Заврши патувањето на Папата во Мозамбик, Мадагаскар и Маврициус и по тие денови останаа впечатоците, радосните лица на децата, жените и мажите, кои го придружуваа папата Фрањо по правливите и калливи патеки на Мапуто и Антананариво и кои ги организираа прекрасните литургии кои се славени во трите земји.

Радоста што ја изразија и покрај тешкотиите и оскудните услови во кои голем дел од нив се принудени да живеат, може сите да нè поучи. Нè учи дека за да се процени благосостојбата на еден народ не се доволни мерките кои се поврзани само со економските податоци, туку со вербата, пријателството, односите, семејството, солидарноста, радоста во малите нешта и достапноста на сопственото дарување, кои никогаш нема да биде предмет на статистика – напиша во својот осврт главниот и одговорен уредник на програмата на Ватикан њуз, Андреа Торниели.

Најчуствителен момент на целиот поход, без сомнение, беше средбата со 8000 деца во Акамасо, место каде порано имаше голема депонија, а сега има мали достоинствени домови, училишта и места за одмор. Ова дело, започнато пред триесет години од отец Педро Опека, е едно од многуте скриени богатства на Католичката црква во светот, – напиша Торниели, истакнувајќи дека – тоа дело ја овоплотува христијанската надеж. Благодарение на посветеноста на овој мисионер, илјадници семејства најдоа работа и достоинство, а илјадници деца добија покрив над главата, храна и можност да учат. Празничниот пречек изразен од страна на децата во Акамасо на Папата е храна за душата. Колкумина се како отец Педро во Африка, Азија, Латинска Америка, но и во најтешките периферии на Западот!

Гледајќи ги лицата на овие деца, среќни затоа што тие беа домаќини на човек облечен во бело, кој доаѓаше од Рим во нивниот дом, наидуваме на најдлабоката суштина на Црквата и нејзината мисија: Навестување на   евангелието и промовирање на човечкото достоинство – напиша Торниели, напоменувајќи: Да се евангелизира со избирање на близина со најслаби и отфрлени. Да се евангелизира со сведочење на присуството на Бог кој избра да живее и да остане секогаш меѓу својот народ, како што рече папата Фрањо во Акамасо. Во тие денови, Папата постојано апелираше до свештениците, монасите и монахињите повторно да го запалат огнот на вистинскиот мисионерски дух кој што не може, а да не се осврне на  оние што страдаат.

Папата Фрањо, исто така, повика условите на сиромашните да не се сметаат како непроменлив факт. Никогаш не се откажувајте пред штетните ефекти на сиромаштијата, никогаш не попуштајте на искушенијата за лесен живот и никогаш не се повлекувајте во себе – рече Папата. Друга вообичаена низа што ги поврзува настаните од патувањето беше повикот за одговорност на владите, политичките власти и општеството, со цел да се бараат нови начини на развој. Иновативни патишта кои можат да го оспорат тековниот економски и финансиски модел, правејќи ги народите протагонисти за градење поправедна и поцврста иднина, со повеќе почитување на достоинството на човековиот живот, култури и традиции, со повеќе почитување на создаденото што ни е дадено да им го пренесеме на нашите деца, а не да го ограбиме. Ова беа пораки што се зборуваа во Африка и за Африка, но упатени и кон сите нас  – заврши Андреа Торниели во својот осврт.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот