Папата: Бог е фасциниран од нашата ништожност

Милосрдието е како милување на Бог, кој е фасциниран од нашата ништожност, како утешна прегратка на родителот кон своето дете.

Тоа го истакна папата Фрањо на утринската Литургија служена во домот Света Марта во Ватикан, во присуство на членовите на кардиналската комисија за реформи која ја одржува својата дванаесетта работна сесија.

Во својата проповед Папата повикувајќи се на првото литургиско читање од пророкот Исаија (41,13-20) истакна дека Бог го избра својот народ не затоа што е голем или моќен, туку затоа што е најмал и најсиромашен од сите. Бог е „фасциниран од таа беда и од таа ништожност“, додаде папата Фрањо. Оваа љубов се гледа во Неговите зборови кон својот народ: таа е „нежна, како љубовта на еден татко и една мајка кон своето дете кое се буди одеднаш преку ноќта“. И го смирува со зборовите: „те држам за твојата десна рака, не бој се, Јас ти помагам“ (Исаија 41,13).

„Сите ние ги знаеме родителските бакнежи, кога децата се немирни и уплашени“, продолжи Папата: „Не плаши се, јас сум тука; фасциниран сум од твојата ништожност, но сум и пленат од твојата безначајност“. И исто така: „Не плаши се од своите гревови, јас те сакам; тука сум да ги опростам. Тоа е Божјото милосрдие“.

Папата го даде примерот со еден светец, кој многу се каел, но Господ секогаш му барал повеќе, додека, на крајот му кажал дека нема што повеќе да му даде. Тогаш Господ му одговорил: „Дај ми ги твоите гревови“. „Господ сака да ги преземе на себе нашите слабости, гревови и страдања“ – истакна Папата. Колку пати сме ги слушнале зборовите на Исус: „Дојдете кај Мене сите, Јас сум Господ, твојот Бог, кој те држи за десната рака, не плаши се. Јас ќе ти дадам сила. Дај ми нешто, а Јас ќе ти простам и ќе ти подарам мир. Тоа се милувањата на Бог, нашиот Татко, преку кои го изразува своето милосрдие“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот