Сведоштво на монахиња која (чудесно) го преживеала земјотресот
Потресните сцени како последица на катастрофалниот земјотрес кој ја погоди централна Италија го опколија светот. Меѓу нив посебно внимание предизвика фотографијата на монахињата која со крваво лице лежи на улицата држејќи мобилен во раката.
Нејзиното име е Марјана Леши и е една од трите монахињи кои чудесно го преживеале рушењето на нивната куќа во Аматриче.
Гледајќи како околу неа сè се руши, сестра Марјана го зграбила својот џемпер и превез и побарала засолниште под креветот каде што одлучила да чека помош. Заробена под креветот среде рушевини с. Марјана помислила дека на нејзиниот живот му дошол крајот.
-Во тој час се помирив со ситуацијата. Сфатив дека залудно барам помош, па на своите најближни започнав да им испраќам пораки дека се случи земјотрес и дека повеќе нема надеж и дека ќе умрам – раскажува оваа 35 годишна монахиња со потекло од Албанија.
Тоа биле моменти во кои интензивно размислувала за својот живот.
-Сфатив дека изборот својот живот да му го посветам на другите беше единствениот кој сакав да го направам – рече додавајќи дека токму во тие моменти го слушнала гласот на младиот Колумбиец Луис вработен во нивниот дом за стари и немоќни кој ги барал преживеаните.
-Тој беше ангелот кој Бог ми го испрати тогаш кога помислив дека ќе умрам и кога сè околу мене се сруши. Во тој глас го слушнав Божјиот глас кој ме вика во живот. Го видов Бог кој среде смртта дарува живот – сведочи с. Марјана инаку член на монашката заеднница Служителки Господови.
Размислувајќи за оваа трагедија во која многу семејства, па и нивните монашки семејства се уништени рече дека не знае зошто Бог токму неа ја спаси.
Во нивниот дом тогаш заедно со монахињите имало петнаесетина луѓе, но четири стари мажи и три монахињи починале под рушевините на манастирот.
-Мислејќи на сестрите под урнатините морам да кажам дека јас не сум посвета од нив. Се прашував зошто јас сум спасена, а тие не? – рече монахињата бришејќи ги солзите од лицето.
-Земи ме мене. Јас не сум ништо подобра од нив кои не успеа да преживеат. Зошто сум јас спасена? Бескорисно е да се прашувам затоа што никогаш нема да го дознаам одговорот. Но порано или подоцна ќе ја разберам волјата Божја и што Тој сака од мене – истакна сестра Марјана.
Во Италија во саботата на 27 август 2016 година е одбележан национален ден на жалоста заради земјотресот во кој загинаа повеќе од 280 луѓе, повеќе од 380 се ранети додека преку 2100 се исчезнати. Од урнатините до вчера 28 август 2016 година се спасени речиси 240 луѓе, а одржан е и државен погреб за жртвите во Асколи Пичено во присуство на италијанскиот претседател Матарела и премиерот Ренци. Во градот Аматриче се продолжува со чистење на урнатините и потрагата по исчезнатите.
-Правиме сè за на населението погодено од земјотресот да му го пренесеме чувството на близина на папата Фрањо – рече Орландо Латини координатор на групата ватикански пожарникари кој Светиот Отец ги испрати во Аматриче за да помогнат во акцијата за спасување.
Нивната помош не се остварува само во помагање на жртвите, туку и во морална поддршка на очајните луѓе. Ватиканските пожарникари во средата на 25 август учествуваа во спасувањето на едно тригодишно дете кое за жал ги загуби родителите и десетгодишната сестра.
Миодраг Војводиќ/Битно.нет/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк