Во неделата на 09 октомври 2016 година во Радово беше свечено прославен празникот на Марија од Назарет, созаштитничка на парохијата.
Архиерејската неделна света Литургија ја служеше Неговото Високо Преосвештенство д-р Киро Стојанов, во сослужение на повеќе свештеници од Апостолскиот егзархат во Македонија.
Владиката во својата празнична проповед на посебен начин повика: „Да имаме сила, храброст и вера нашите молитви да ѝ ги поверуваме на Марија која за секој од нас се грижи мајчински. Секого поединечно го застапува пред својот Син и нашиот Бог Исус Христос, секоја брачна двојка на маж и жена, како младоженците во Кана Галилејска, можат да сметаат на Мариината помош, подршка и застапништо…“
На празникот му претходеше подготовка со Тродневница, која беше водена во духот на темата:„Милосрдието дел од секојдневниот живот“. На таа тема беа и наговорите кои во трите дена ги искажаа о. Давор Топиќ, декан и катедрален парох во Скопје, о. Спасо Ристов, парох во Нова Маала и Чанаклија, капеланите о. Трајче Ташев и о. Илија Стојанов и домашниот парох о.д-р Зоран И. Стојанов.
Владиката Киро ги предводеше двете процесии: во сабота околу селото со посета на двете капели во Радово, посветени на Марија од Назарет, односно на Света Мајка Тереза, а во неделата околу црквата со статуата на Марија од Назарет.
Процесиите во чест на Небесната Мајка беа вистински молитвен празник со учество на свешетеници од Апостолскиот егзархат и Скопска бискупија, на Сестрите Евхаристинки и Сестрите Усмиленки, на многубројни верници од Радово и други места, а особено запазено беше учеството на младите од парохијата и деца од школска и претшколска возраст заедно со своите родители.
Овогодишното 19 чествување на Марија од Назарет во Радово, заврши со заедничко Агапе подготвено од вредните домаќинки од парохијата во соработка со црковните и каритас одборници.
к.мк/н.с.