Африканските верски поглавари потпишаа пакт против трговијата со луѓе

Африканските верски поглавари потпишаа пакт против трговијата со луѓе

„Заедничко соопштение против модерното ропство“ изминатите денови во главниот град на Гана Акра потпишаа 14 верски водачи, обврзувајќи се на соработка во ослободувањето на сите кои денес трпат ропство и се жртви на трговијата со луѓе.

Иницијативата ја покрена меѓурелигиската коалиција „Global Freedom Network” која се посвети на борбата против трговијата со луѓе, во склоп на австралиската организација „Walk Free Foundation“. Заедничкото соопштение против модерното ропство го потпишаа претставници на највлијателните религии во Гана, Брегот на Слоновата Коска, ДР Конго и Нигерија. Иако заради пандемијата со коронавирусот лично не можеа да бидат присутни на потпишувањето, својата поддршка на иницијативата ја изразија Јужноафриканскиот и Кенискиот меѓурелигиски совет.

Генералниот секретар на Епископската конференција на Гана о. Лазарус Анонде објасни дека трговијата со луѓе посебно е гнасно злосторство затоа што станува збор за искористување и злоупотреба на луѓе заради профит. Притоа ја истакна одлучувачката улога на верските поглавари во борбата против тоа зло заради кое во целиот свет трпат најмалку 40 милиони луѓе.

Соопштението од Акра е осмиот заеднички документ кој го потпишаа верските поглавари во борбата против современото ропство. Прво такво потпишаа на 2 декември 2014 година во Ватикан папата Фрањо и претставници на различни религии и други христијански вероисповеди, меѓу нив англиканскиот примас Џастин Велби и екуменскиот цариградски патријарх Вартоломеј I. Целта на иницијативата е да се создаде меѓународна меѓурелигиска мрежа со која верските заедници ќе се сензибилизираат против сите облици на ропство, од проституција преку присилна работа до продажба на органи. Исто така се промовира етичка трговија, поголема помош на жртвите и преживеаните, лобирање во владите и парламентите и сензибилизирање на општествата за тие проблеми.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот