Во Милано Папата одговараше на прашања од младите

Во Милано Папата одговараше на прашања од младите

Ветете му на Исус дека никогаш нема да ги малтретирате своите врсници – ги повика папата Фрањо младите – меѓу кои голем број беа миропомазаници – на фудбалскиот стадион Џузепе Меаца, познат и под името Сан Сиро. Воедно таа беше последната станица од еднодневната пасторална посета на Папата на Милано.

На Светиот Отец за време на средбата му беа поставени три прашања. Првото прашање му го постави момче кое го интересираше што му помогнало на Папата кога бил момче, да му расте пријателството со Исус. Одговори дека три елементи биле клучни: неговите дедовци и бабите, играњето со пријателите и учествувањето во животот на парохијата. „Дедовците и бабите ја поседуваат мудроста на животот и со таа мудрост нѐ подучуваат да се приближиме до Исус,“ рече папата Фрањо и ги поттикна младите да разговараат со своите дедовци и баби, да им поставуваат прашања, да ги слушаат што имаат да им кажат.

Понатаму играњето со пријателите исто така помага на тој раст затоа што ако знаеме како да си играме со другите, а притоа меѓусебно да не се навредуваме, учиме да ги почитуваме другите, се учиме на тимска работа, на заедничка работа и тоа нѐ обединува со Исус. „Затоа играјте си со своите пријатели,“ рече Светиот Отец и ја нагласи важноста за учествувањето во животот на парохијата за растот во пријателството со Исус.

Второто прашање му го постави млад брачен пар: како да се пренесе убавината на верата на децата, а тоа да не биде досадно, напорно или авторитативно? Папата одговори со прашање: кој на вас ви ја пренесе верата? Ги повика присутните да поминат кратко време во тишина и да размислат за одговорот на тоа прашање. Тој рече дека за него бил важен свештеникот кој го крстил и кој го следел на неговиот пат до влегувањето во новицијатот на Дружбата Исусова. „Никогаш нема да го заборавам тој свештеник. Тој беше апостол на исповедувањето; милосрден, добар, трудољубив работник. И тој ми помогна да растам,“ рече Светиот Отец, објаснувајќи им на присутните и ги повика на кратко размислување за ова прашање затоа што децата постојано нѐ набљудувааат, па и тогаш кога за тоа не сме свесни.

Папата Фрањо потоа предупреди на трпењето на децата кога гледат дека нивните родители се караат. „Не сфаќате низ кое страдање детето поминува кога ги гледа своите родители како се караат. А кога неговите родители ќе се разведат, тие се оние кои ја плаќаат цената,“ рече Светиот Отец, додавајќи дека родителите мора да бидат свесни на тоа кога детето го донесуваат на свет. „Преземаме одговорност на тоа дете да му помогнеме да расте во верата,“ рече Папата. На младиот брачен пар му предложи читање на неговиот постсинодски апстолски поттик „Amoris laetitia“ и тоа посебно од првите поглавја, додавајќи дека никогаш да не се заборави следното – кога се караат, децата трпат и не растат во верата.

Светиот Отец исто така ја истакна важност на играњето со децата, како и заедничкото правење на дела на милосрдието затоа што тие ја хранат верата и семејниот живот. Недела е посебно добар ден за заедничко семејно дружење, но рече дека тоа за некои е тешко затоа што мора да работат за викенд за да го прехранат своето семејство. Папата ги повика родителите да пронајдат време за да си играт со децата и така да им ја пренесуваат верата.

Третото прашање го постави катехистка, а се однесуваше на неопходноста за соработка во образованието. Светиот Отец препорача хармонија на три аспекта: интелект, срце и рака односно мислење, чувствување и делување. „Добриот учител, воспитувач и тренер знае да ги поттикне добрите квалитети кај своите ученици, а да не ги занемари другите, секогаш трагајќи за комплементарност,“ рече папата Фрањо.

Папата на крајот се осврна на „лошиот феномен“ малтретирање во училиштата. Тој ги поттикна учителите да внимаваат на малтретирањето и младите ги повика да му ветат на Исус дека никогаш нема да ги малтретираат своите врсници.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот