Проповед на Папата Фрањо: Без верност на своите корени, општеството не може да напредува
На празникот Пресвето Срце Исусово во римската болница „Џемели“ светата Литургија наместо Светиот Отец – кој поради здраствената состојба ја одложи предвидената посета на римската поликлиника – ја славеше кардинал Скола.
Миланскиот надбискуп ја прочита проповедта на Папата поради неговата одложена посета, а беше концентрирана на Божјата љубов и верност кон човекот, која „во потполност се гледа и е остварена во Исус Христос.“ За да го потврди сојузот помеѓу Бог и Неговиот народ, Исус се откажа од Својата слава и стана како роб – рече кардинал Скола.
Потсетувајќи дека Бог со нас се „поврза“, дека нѐ избрал и дека тој сојуз е вечен, кардиналот рече дека Бог тоа не го направи поради нашата верност, туку бидејќи Он е верен и ја поднесува нашата неверност, колебања и падови – истакна кардиналот додавајќи:
Божјата љубов не следи ниту човечка логика, ниту стратегија: Бог не се плаши од сојузот, уште повеќе Он сака и создава врска која ослободува и не принудува. Оној кој го нарекуваме Апсолутен всушност секогаш и само во љубовта е апсолутен, поради тоа склопи сојуз со Авраам, Исак, Јаков и на таа љубов секогаш и остана верен – рече кардинал Скола.
Затоа тоа е важно во овој момент, кога вредноста е во верноста во кризи, бидејќи постојано бараме промена, лажна новост, загрозувајќи го корените на своето опстојување и својата вера. Без верност на своите корени, општеството не може да напредува. Тоа може да оствари големи технички поместувања, но не и целосен напредок на човекот и целото човештво – рече кардинал Скола.
Црквата веќе две илјади години оди напред веројатно поради тоа што во нејзините темели е Божјата верност, а за да ја потврди таа Своја верност Бог Го испрати Својот Единороден Кој – пред нашата неблагодарност и пред нашите одбивања – во Својата љубов не се обесхрабри – рече кардиналот.
Исус не дојде како цар и моќник на овој свет за да ги покори луѓето, туку дојде кротко и понизно да им понуди љубов. Смислата на прославата на Пресветото Срце Исусово е во се поголемото откривање на понизната верност и кроткоста на Христовата љубов и така делувајќи да нѐ обземе.
Нежноста на таа љубов можеме да ја почувствуваме во секој период од животот: во време на радост и жалост; кога сме здрави и кога сме немоќни и болни. Секој ден, со силата на Божјата верност, животот можеме да го прифатиме како остварување на Неговата љубов, сведочејќи на браќата „во кротко и понизно служење“ – рече кардиналот, осврнувајќи се потоа на значењето на болничкиот персонал.
На тоа се повикани посебно лекарите и болничарите на ова болница „на секој болен да донесат малку љубов од Христовото Срце, а да го прават тоа стручно и свесно, верени на основните вредности, кои отец Агостино Џемели ги вгради во темелите на католичките универзитети. Фрањевацот навистина сакал да „го поврзе научното истражување, осветлено со вера и подготовката на христијанските стручњаци. Бидејќи зад секој Исусов гест и збор зрачи милосрдната и верната љубов на Отецот – рече кардиналот.
Затоа пред Исус да се запрашаме: каква е мојата љубов кон ближниот? Дали сум верен? Или сум непостојан, ја следам ли само својата зависност од чувството и симпатиите? Секој може да си одговори во сопствената совест, а во меѓувреме можеме да го молиме Господ: Исусе направи го моето срце по Твоето, полно со љубов и верност – заврши кардиналот.
РВ/Д.И.