Папата до уредништвото на списанието „Aggiornamenti sociali“: Слушајте и водете дијалог

Папата до уредништвото на списанието „Aggiornamenti sociali“: Слушајте и водете дијалог

На 6 декември 2019 година, папата Фрањо го прими во аудиенција уредништвото на списанието на Исусовците „Aggiornamenti sociali“ и во говорот ја истакна важноста на слушањето и дијалогот.

Слушањето е основниот став на секој човек кој сака да направи нешто за другиот – рече папата Фрњо, за време на аудиенцијата на која го прими уредништвото на списанието „Aggiornamenti sociali“ од Милано по повод 70 годишнината од неговото основање. Притоа предупреди дека е потребно внимателно слушање, без предрасуди, дозволувајќи реалноста да нѐ допре. Така понекогаш се срушуваат или се променуваат сопствените мерила – рече Светиот Отец и истакна дека однапред заземени ставови и т.н. „училишта на мислењето“ не прават добро.

Папата понатаму во својот говор истакна дека во Европа денес владеат предрасуди и популизам, земјите се затвораат, а идеологиите се враќаат; старите идеологии кои доведоа до Втората светска војна. Зошто – запраша и истакна дека не се обраќа внимание на реалноста таква каква што е. Постои проекција на она што сакам да се прави и да мисли и на она што сакам да биде… Тоа е комплекс со кој се ставаме на местото на Бог Создателот – рече Светиот Отец и напомена дека реалноста е суверена, со неа треба да се влезе во дијалог.

Треба да се воспостави дијалог со реалноста, поаѓајќи од евангелските вредности, од Исусовото учење, не наметнувајќи ги догматски, туку преку дијалог и расудување – предложи папата Фрањо и се присети дека за време на апостолската посета на Тајланд еден Исусовец прашал: „Кој е исправниот пат за работа со бегалците денес?“ Папата одоговорил дека нема пат, туку само мали патеки, кои секој од нас мора да се обиде да ги помине, обраќајќи притоа внимание на реалноста, доверувајќи се на Бог во молитвата и расудувањето.

Во животот така се оди напред, преку реалноста, молитвата и расудувањето затоа што одговорот, дури и на општествените прашања преку нас мора да дојдат од Господ – рече Светиот Отец и на уредништвото на списанието му препорача никогаш да не ја прикриваат реалноста, туку да се обидат да ја разберат. Исто така им препорача да водат дијалог со Евангелието, поплочувајќи мали патеки, и истакна дека денес не постојат евангелизациски автопати, туку скромни патеки кои ќе нѐ водат напред.

Папата се осврна и на стравот од грешките и рече дека кога ќе паднеме треба да му се заблагодариме на Бог затоа што имаме прилика да станеме и да одиме напред. Кој не се движи од страв дека ќе падне, ќе се лизне или погреши во животот никогаш нема да донесе плод. Само напред, храбро – рече папата Фрањо и на крајот поттикна, секогаш чувајте ја внатрешната слобода, она која ја има само оној кој сака да биде во Божјото присуство и кому засолниште му е Евангелието.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот