Расте бројот на католици во светот

Расте бројот на католици во светот

Според официјалните податоци на Централната ватиканска канцеларија за црковна статистика, во 2020 година имало околу 1,36 милијарди католици, а во споредба со 2019 година нивниот број е зголемен за 16 милиони.

Бројот на католици расте, додека бројот на свештеници и монахињи опаѓа, е резимето од најновите податоци за Католичката црква во светот, објавени на 11 февруари од Централната ватиканска канцеларија за црковна статистика.

Податоците се однесуваат на 2020 година, последната година за која се достапни податоци и се врз основа на Папскиот годишник за 2022 година (Annuario Pontifico) и Статистичкиот годишник на Црквата за 2020 година (Annuarium Statisticum Ecclesiae).

Најголем пораст има во Азија и Африка, додека нешто помал број е забележан и во Европа.

Во 2020 година, Католичката црква имала 5.363 епископи и 410.219 свештеници.

Што се однесува до свештениците, Црквата веќе неколку години бележи пад на нивниот број. Така, во 2020 година Црквата имала 5.363 епископи (еден помалку од 2019 година) и 410.219 свештеници (дури 4.117 помалку од претходната година). Најголем пад има во Северна Америка и Европа, додека Азија и Африка бележи „значителен пораст“ на бројот на свештеници.

Со оглед на тоа што опаѓа и бројот на семинаристи и богослови (114.058 во 2019 година, а 111.855 една година подоцна), изгледа дека трендот нема така брзо да се промени.

Инаку, интересно е што најмногу свештеници има во Европа (40% од вкупниот број) иако најмногу католици (48%) живеат во Северна и Јужна Америка.

Женските монашки звања опаѓаат

Голем пад има кај женските монашки звања, од 630.099 монахињи во 2019 година на 619.546 во 2020 година, што е намалување за 1,7%, иако има разлики меѓу Европа, Америка и Океанија од една страна и Африка и Азија од друга страна.

Она пак што е во пораст се постојаните ѓакони, кои од 48.238 се искачи на 48.635, а бројот на машките монашки звања во светот сега е 50.569 (50.295 една година порано). Интересно е што најголем раст на машките монашки звања е забележан во Европа.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот