Проповед на бискупот Стојанов по повод деветата годишнина од смртта на Кјара Лубик

Проповед на бискупот Стојанов по повод деветата годишнина од смртта на Кјара Лубик

Едноставна и услужна

Драги браќа и сестри – тоа што го слушнавме во светото Евангелие е сериозна Исусова опомена за фарисеите и книжниците. Книжниците се сметале за исправни толкувачи на Писмото, а фарисеите – единствени кои точно ја пренесуваат традицијата. Така се поставиле за судии и критичари кон своите браќа. Сметале дека знаат што е Божја волја за секој човек во заедницата. Во секое општество и заедница постои опасност од склероза на власта, опасност одговорните за заедницата да ја толкуваат својата волја како Божја волја и со тоа го гушат растот во заедницата и харизмата на секоја личност во неа. Страшно е кога критериум не ни е Божјото слово, туку нашиот човечки збор, и кога послушноста кон Евангелието е подредена на послушноста на нашиот збор.

На другиот да му се наметне свој начин на мислење, постапување, живеење на верата е знак дека немаме Божја ширина, туку во нас е дух на фарисејство. Наспроти тоа, Кјара Лубиќ, чија што годишнина од нејзиното заминување во вечноста ја славиме денес, ја имаше таа Божја ширина и знаеше другиот да го прифати и покрај тоа што беше поинаков од неа, што подруго се моли и на поинаков начин приоѓа до Бога. Никогаш не го осудуваше својот ближен ако не мислеше како неа и не се однесуваше како неа.

Нека драгиот Бог ни помогне и нам да не се плашиме од оние кои се поинакви од нас, туку во духот на Божјото Евангелие, да знаеме и поинаквите да ги почитуваме, иако општеството во кое живееме не секогаш ги прифаќа Неговите норми и не живее во Неговиот дух.

Другиот да се оптовари и да се бара од него, а себе да се исклучиме, тоа е најголема измама на љубовта, праведноста и искреноста. Зошто другиот да го оптоварувам и барам од него, а самиот ништо не правам и не се залагам дури ни со прст не мрдам? Кјара не беше товар на другите и својот товар не го товараше на другите и не ги гледаше незаинтересирано кога беа во потреба. Напротив таа се залагаше и знаеше да го прифати и да го понесе товарот на другиот.

Исто така, како што Исус вели во светото Евангелие, сакаме да покажеме тоа што сме го направиле, сакаме да седнеме на првите места и да се чувствуваме важни и признати кога луѓето не поздравуваат. Толку сме спретни во пронаоѓањето начини да бидеме важни, другите да не признаваат, фалат и ценат. Исус нѐ учи да не бидеме такви. Гордоста нѐ зафаќа и тешко и се спротивставуваме. Кјара, колку што јас лично ја познавам, самата беше скромна и многу пати на дело ја покажа својата скромност и во своите зборови и во своите дела, а многу направи. Сметам дека едноставноста и скромноста ни недостасува, нека во тоа ни биде пример Божјата слугинка.

Кој се воздига ќе биде понизен; а кој се понизува ќе биде воздигнат“. Тоа е Исусовата скала на вредноста. Колку сме далеку од неа? Колку нашата скала е поинаква? Како во нашите средини одекнува: да се биде прв, да се биде подобар, да се биде возвишен, признат. Еве кој е најголем во очите на Господа: „поголемиот меѓу вас да ви биде слуга“. Исус тоа го посведочи кога им ги изми нозете на своите ученици. Од кога го нарекуваа Учител и Господ, го направи тоа што била должност на еден слугата. Така ни покажа што треба да правиме и ние. Затоа тие кои сакаат да му бидат слични и кои сакаат да го следат го прават истото што и Тој го правеше: во скромноста и понизноста му служат. Кјара Љубик тоа посебно добро го сфати и оствари. Го следеше својот Учител во понизноста до крај и знаеше дека никогаш не ќе може да седне на последното место, бидејќи на тоа место беше нејзиниот и наш „Учител“. Свесна беше дека Учител толку го бараше тоа место што многу тешко беше некој да можеше да му го одземе.

Кјара беше покрај својот Учител! Гледаше што прави и како постапува, се научи да биде понизна и услужлива и го навестуваше Божјото слово насекаде каде што ќе стигнеше. Тоа нека биде и наша школа во која единствено Бог може вистински да процени тоа што го правиме.

Оттука ги поздравувам членовите на Марииното дело во Македонија, женскиот Фоколар, семејството Микулец, благодарам на нивната едноставност, скромност и понизност но и на нивните херојски подвизи на секогаш нивната расположливост и услужливост, следејќи ја на тој начин во сè својата основателка, Божјата слугинка, Кјара Љубиќ.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот