Задушница

Задушница

Денес Црквата на земјата во молитвите се сеќава на сите верни мртви со кои овде била во заедништво на верата, и ревно посакува да постигне целосно заедништво со Господа во вечниот живот. Сите ние верници, инспирирани од зборовите на живиот Христос да веруваме во Него и во Бог и охрабрени со силата на Светиот Дух ги упатуваме своите молби за вечно спасение на нашите браќа кои ни претходеле на животниот пат, но сѐ уште не стигнале до конечното остварување, туку уште поминуваат низ периодот на чистење од внатрешните гревови кои ги направиле за време на животот. Н

о нашата надеж не се темели само на некои наши романтични или идилични желби дека тие ќе го доживеат вечниот живот, туку на обврската која ни ја оставил Господ Христос, победникот на смртта и господарот на животот. Во таа смисла нè поучува свети Анастасиј Антиохиски: „Христос умрел и оживеал за да биде Господ на мртвите и живите. Бог, всушност, не е Бог на мртвите, туку на живите. Затоа мртвите, над кои владее оној кој ги оживеал, не се повеќе мртви, туку живи: со нив владее животот, живеат, не плашејќи се повеќе од смртта, како што Христос воскреснувајќи од мртвите повеќе не умира. Така и идните учесници на Христовото воскресение, воскреснати и ослободени од распаднувањето, повеќе нема да ја видат смртта, бидејќи и Христос бил учесник во нивната смрт. Христос не слегол на земјата заради некоја друга причина, туку да ја скрши бронзената врата и железните брави и нашиот живот од распаѓање да го понесе кон себе со слободата која ни е дадена за служење.“

Меѓутоа многумина се збунети од феноменот кој ни е толку многу впечатлив пред очите. Сите ние сме сведоци за смртта, заминувањето и телесното распаѓање на оние кои починале. Како со некоја љубезност се прашуваме дали може било што да ја надмине таквата очевидност за која сме самите присутни и за која може да посведочиме. Вистина е дека спасението на нашите починати браќа сѐ уште не дошло до конечната полнота, но исто така факт е дека нашата вера за вечниот живот не се темели на човечките бајки, која не е базиран на појава видено од очи и на телесно искуство, туку на семоќноста на живиот Бог. Тој е Бог на живите кој самиот Тој ни приготвува живеалиште во неговиот дом. А за би нè уверил дека навистина тоа го мисли, го испратил својот Син да се насели и да живее меѓу нас, во сè да ни претходи како гарант за спасението. Надоврзувајќи се на оваа вистина свети Анастасиј ќе запише: „А тоа што делото на оваа распоредба сѐ уште не е довршено – луѓето сѐ уште умираат и телата се распаѓаат – воопшто не е измама. Всушност, за сите ветувања однапред примивме гаранција во првенците преку кои отидовме горе на небото и сме седнале заедно со оној кој со себе нè земал во висините, како што вели свети Павле: Со Него нас нè воскресна и со Него нѐ постави на небесата, во Христос. Исполнувањето ќе го постигнеме кога ќе дојде времето кое Бог го одредил, кога ќе го оставиме тоа што е детско и ќе станеме совршени луѓе. На Отецот на вековите му се допаднало да ни даде постојан дар само ако повторно со детскиот ум не го игнорираме.“

Тесно поврзани со Христос уште сега ќе ја почувствуваме вистинитоста и силата на неговото воскресение кое во времето се случило за нас, со цел во духот уште сега да ги доживееме небеските висини кон кои нè води Бог. Преку Христос навистина уште сега имаме предзнаење за спасението и затоа сме полни со надеж и за нашите починати браќа, како и за себе, доколку издржиме во верата може да го очекуваме исполнувањето и совршенството на нашата човечка природа.

Свети Анастасиј вели дека ќе се случи преобразување и продуховување на нашето тело по примерот на Господовото тело, и тоа на начин да не се изгуби идентитетот ниту континуитетот со оние што сме биле на земјата: „(…) Свети Павле тврди за она што со сигурност знаел, дека преобразувањето ќе се случи на целиот човечки род преку Христос кој ќе го преобрази нашето бедно тело за да го усогласи со неговото славно тело. Преобразението е, всушност, промена во духовното тело; а тоа тело е слично на Христовото тело: Христос, всушност, воскреснал со духовно тело; и тоа не било кое друго тело, туку она тело полно со слабости, бидејќи токму ова тело беше славно преобразено.“

Затоа ние треба да бидеме во горлива духовна поврзаност со своите браќа кои ни претходеа на патот на животот и на верата, со цел нашите молитви да им помогнат што е можно порано да го остварат конечното исполнување на нивната смисла и цел на животот. Но исто така овој посебен ден на молитва за сите верни мртви кои сѐ уште исчекуваат конечно остварување и прославување на небото, треба да биде поттик и за секој од нас за посилна вера и похрабра аспирација кон оваа иста цел.

Вера и дела/З.А:

Категорија: Вера, Духовност

За авторот