Како уште еден папа Лав помогна да се роди идејата за Светското првенство

Како уште еден папа Лав помогна да се роди идејата за Светското првенство

Французинот што стои зад создавањето на Светското првенство во фудбал црпел инспирација од папата Лав XIII и од католичкатa социјална наука.

Додека Светското првенство во фудбал повторно го привлекува вниманието на милијарди луѓе низ светот, вреди да се потсетиме дека овој турнир дел од своето постоење му го должи на човек инспириран од папа по име Лав.

Долго пред папата Лав XIV да ги поздравува ходочесниците на плоштадот „Свети Петар“, еден друг Лав помогнал во обликувањето на современиот свет. Енцикликата Rerum Novarum на папата Лав XIII од 1891 година го преобразила католичкатa социјална наука, ставајќи акцент на достоинството на работниците, грижата за сиромашните и одговорноста на општеството да го поттикнува човечкиот развој.

Меѓу оние што биле под влијание на тие идеи бил и еден млад Французин — Жил Риме.

Денес неговото име најчесто се поврзува со старите трофеи и со фудбалските квизови. Но без него, можеби никогаш немаше да постои Светското првенство во фудбал.

Фудбалот како мост меѓу луѓето

Жил Риме е роден во 1873 година и израснал во католичко семејство. Како млад човек се преселил во Париз и се вклучил во добротворна работа меѓу најсиромашните жители на градот.

Тој верувал дека спортот може да има цел поголема од забавата. Во време кога многу клубови биле поврзани со одредени општествени класи, Риме во 1897 година го основал фудбалскиот клуб „Ред Стар“ и ги отворил неговите врати за играчи од сите средини.

Идејата била едноставна, но силна: фудбалското игралиште може да ги зближи луѓето што инаку никогаш не би се сретнале.

Денес Светското првенство е познато по своите суперѕвезди, телевизиски договори, драматични голови и повремени изливи на национална еуфорија. Сепак, еден од луѓето што најмногу придонел за неговото создавање бил мотивиран од верата во човечкото достоинство и социјалната вклученост.

По Првата светска војна

Потоа дошла Првата светска војна.

Како и милиони други, Риме бил сведок на распаѓањето на еден континент. Служел како офицер и бил одликуван за својата воена служба. Тоа искуство уште повеќе го зајакнало неговото убедување дека народите имаат потреба од начини да се среќаваат меѓу себе надвор од бојното поле.

Фудбалот, верувал тој, може да помогне во тоа.

Тој сон подоцна го одвел во ФИФА, каде што во 1921 година станал претседател. Во следните 33 години неуморно работел за фудбалот да се преобрази од збир на регионални натпреварувања во вистински глобална игра.

Резултатот дошол во 1930 година, кога Уругвај бил домаќин на првото Светско првенство во фудбал.

Од 13 нации до милијарди гледачи

На првото Светско првенство учествувале само 13 репрезентации. Немало глобална телевизиска публика, немало табели за резултати залепени на фрижидери, ниту бескрајни расправи на социјалните мрежи за судиите.

Сепак, идејата се покажала како силна и привлечна. Натпреварување што ги зближува земјите преку спорт, а не преку конфликт, одекнало далеку надвор од фудбалскиот терен.

Речиси еден век подоцна, милијарди луѓе го следат турнирот. Семејства се собираат пред телевизорите. Непознати луѓе слават заедно на јавни плоштади. Деца сонуваат да ги претставуваат своите земји, а цели народи се обединуваат околу среќата и надежта што ги носат единаесет играчи кои трчаат по топка.

Лесно е да се фокусираме на спектаклот, головите, трофеите и прославите. Но зад турнирот стои една убава идеја.

Жил Риме верувал дека спортот може да гради мостови меѓу луѓето. Папата Лав XIII верувал дека секоја човечка личност има вродено достоинство. Ниту еден од нив не можел да замисли какви размери ќе достигне Светското првенство, но двајцата сфатиле нешто важно за човекот: создадени сме за поврзување и заедништво.

Неочекуваната врска меѓу двајца папи Лав

Додека католиците денес го следат папата Лав XIV, а фудбалските навивачи го следат Светското првенство, тешко е да не се забележи неочекуваната врска меѓу двајца папи со исто име.

Објаснувајќи го својот избор на име, папата Лав XIV се повика на наследството на папата Лав XIII и на неговата грижа за човечкото достоинство, работата и општото добро.

Повеќе од еден век претходно, истите тие идеи помогнале да се инспирира еден млад француски католик, Жил Риме, чиј сон на крајот ќе прерасне во Светското првенство на ФИФА — турнир што денес го следат и го бодрат милијарди луѓе.

Ниту папата Лав XIII, ниту Жил Риме можеле да замислат што ќе произлезе од тие идеи. Но некаде меѓу една папска енциклика, едно фудбалско игралиште и милијарди гледачи низ светот, нивните приказни се вкрстиле на најнеочекуван начин.

Алетеја/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот