Успение на Пресвета Богородица

Успение на Пресвета Богородица

Празникот на Успението на Пресвета Богородица нè повикува да ги подигнеме нашите очи, од земјата кон небото, каде што е прославена Мајката Божја, со душата и телото до Воскреснатиот Исус и каде што и ние сме исчекувани.

Свети Павле ни вели: „Исус воскресна од мртвите, првина за умрените… и како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат.“ Кој му припаѓа на Христа, кој е обединет со Него и му припаѓа за живот на милоста, ќе биде учесник исто така и во неговото воскресение. А кој е повеќе од Марија обединет со Исус? Марија е таа која која вели дека е подготвена да соработува со Бог во планот за Спасението на човештвото. Со своето „да“, му даде тело на Божјиот Син и стана Мајка на Спасителот. Таа е жената од Откровението, жената облечена во сонце, со венец од дванаесет звезди на главата и месечина под нозете, која што се бори против злото, за триумф на доброто; таа му е близу до Исус под крстот, кога Исус со своето страдање и смрт го исполни посланието за спасение на човештвото. Марија е прва која била утешена, во Велигденското утро, од воскреснатиот Исус кој ја победил смртта.

Поради сите овие причини, Марија е полна со благодат, Непорочна од првиот момент на нејзиното постоење, бидејќи е Мајка Божја, и таа е прва која ги ужива плодовите на спасението кое Исус го донел на светот, прва да биде со Него, со душата и телото, прославена во Рајот.

Но привилегијата на Марија има едно значење и една суштинска вредност за секој од нас, дека ние во Црквата го формираме мистичното Тело на Исус. И Марија е едно создание како нас, таа е Исусова Мајка, но исто така таа е и наша Мајка.

Вториот Ватикански Собор нè потсетува: „Исусовата Мајка, како во небото, прославена со душата и телото, таа е слика и почеток на Црквата која треба да го има своето исполнување во иднина, така и на земјата сега сјае пред Божјиот народ, како знак на сигурната надеж и утеха, сè додека не дојде Господовиот ден“ (ЛГ 68). Марија е веќе тоа што целата Црква и ние во иднина ќе бидеме.

Во Марија, ние верниот народ, поклониците на земјата, имаме мотив да ја вложиме нашата доверба и може да ја најдеме потврдата за нашата судбина на славата.

Марија е наша мајка и наша сестра во верата која веќе е стигната до целта, која стигна пред нас во рајот. Од висините, прославена во душата и телото, нè охрабрува во нашиот од на животот, да веруваме како што таа поверува на Словото Божјо. „Блажена си ти која поверува“, ти која му се довери на Бога, ја поздравила нејзината роднина Елисавета; блажени ќе бидеме ние ако знаеме да поверуваме, ако знаеме да му се довериме на Бога.

Марија нè охрабрува, како Неа, во сè да ја извршуваме Волјата Божја: „Еве слугинка сум Господова“ му одговара на Ангелот, во целосна достапност на духот; во достапноста на духот да ја исполнуваме секогаш волјата Божја, тоа е нашиот мир и нашата радост.

Марија нè охрабрува, како Неа, секој ден од нашиот живот да го посветиме како дар за Бога и за браќата; да пееме пофални песни и да благодариме за „големите дела“ кои ги направи и продолжува да ги прави Севишниот за нашето спасение.

Да ја обновиме, денес на особен начин, и секој ден, нашата молитва кон Господа: „О семоќен и вечен Боже, дозволи во овој свет да живееме постојано насочени кон вечните добра, за да ја споделиме истата слава на Непорочната Дева Марија, Мајката на Христос твојот Син, кој ја воздигна во славата на небото со душата и телото’. Амин

о. Марио Мора/З.А.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот