„Денешната состојба на Католичката црква во Македонија“

„Денешната состојба на Католичката црква во Македонија“

Предавање на монс. д-р Киро Стојанов на Студискиот ден „Католичката црква во Македонија низ својата историја“ одржан на 10 ноември 2018 година во НУ „Музај на макеоднската борба“ – Скопје

Вовед:

Во ограниченото време кое ми е на располагање, сакам да изнесам неколку податоци од животот на Католичката црква во Македонија со цел да имате барем мал увид во сѐ она што денес претставува Католичката црква во Македонија. Би бил позадоволен и погорд да можев во рацете да ви го дадам шематизмот на Католичката црква во Македонија и состојбата во Скопската бискупија и во новооснованата Струмичко-скопска епархија. Сепак, не ќе можам да се задржам само на податоците, па излагањето ќе биде повеќе на начин на мали „камчиња“ од податоци, отколку на начин на „готова зграда“. Но, останувам во надеж дека шематизмот наскоро ќе ја види светлината на денот.

  1. Во своето излагање употребив многу општ наслов: Денешната состојба на Католичката црква во Македонија. Ниту мислам, ниту пак можам да зборувам сеопфатно, особено не за детали со кои би можел да ја исцрпам оваа тема. Соочувајќи се со фактот дека сме малцинска Црква во дијаспора, всушност ми се наметнува ограничување, односно неможност целосно да се прикаже животот во една таква црковна заедница. На пример, сите мешани бракови, постојаниот процес на миграција, многу други околности, сето тоа отежнува приказот да биде целосно точен. Но како Бискуп кого Провидноста Божја – без моја заслуга – го постави на чело на оваа Црква во двоен капацитет на бискупската служба, како Ординариј на Скопска бискупија и како Ординариј на новооснованата Епархија „Успение на Пресвета Богородица во Струмица-Скопје“, се осудувам да ѝ пристапам на оваа тема затоа што и по служба и по послание многу често сум во различни прилики на терен, па можеби имам поцелосен увид во состојбата на Црквата, за разлика од некој кој можеби тоа го проучувал од пишани податоци. Димензијата на минатото на католичкото постоење на просторите на Македонија имавме можност да го слушнеме од врвни предавачи по историја. Во своето излагање – со цел подобро да се разбере – ќе се служам од една страна со споредба на состојбата некогаш и сега. Ќе се навратам само до некаде на подрачјето на пасторалната активност која се случувала пред моето воведување во бискупската служба, а акцентот на ова излагање сакам да го ставам на она што е сработено во последните 20 години за што и самиот сум сведок. Со еден краток коментар сакам ценетиот собир да го потсетам на тоа како и во кое подрачје чука живото срце на овие локални цркви во не многу лесни времиња.
  2. Да се потсетиме, беше кажано дека повеќе пати ова подрачје на денешна Македонија ги менувало границите на јурисдикција на Католичката црква воопшто, а посебно на верниците од источен обред. Конкретно денес, територијата на Скопска бискупија ја зафаќа сегашната политичка територија на Република Македонија. Две мали подрачја се наоѓаат на територијата на Република Србија, имено, Санџак и Прешевска долина. Потсетувам, тоа е само територијална припадност, но на таа територија засега немаме ниту еден црковен објект. Верници веројатно има многу малку, можеби неколку мешани семејства. Помалку се чувствувам одговорен што досега ниту јас лично, ниту некој од моите соработници не сме ја посетиле од поблиску таа територија и како Добриот Пастир да побараме по некоја изгубена овца. Таква намера постои и ако Бог ни даде сила, ќе сториме сѐ, па дури и ако имаме само неколку верници.

            III. Територијалната организација на Католичката црква што е опфатена во Скопска бискупија и Епархијата струмичко-скопска е уредена по принципите на Црковното право: деканати, парохии, филијали и капели. Во рамките на западниот обред, а истото е и во источниот обред, постои само еден деканат во кој се вклучени парохиите: Скопје – Пресвето Срце Исусово, Битола – Пресвето Срце Исусово, Охрид – Св. Кирил и Методиј и св. Бенедикт, Штип – Свето Благовештение. На територијата на овие парохии постојат центри кои делуваат како филијали: Црквата св. Јосиф во Скопје, капелата св. Иван Крстител во Куманово, капелата на Безгрешното зачнување во Велес, во Битола, со филијалата Прилеп – Раѓање Мариино, и Штип, со филијалата во Бистренци – св. Јосиф Работник. Тешко е со сигурност да се зборува за бројот на верници во овие парохии, филијали и капели, затоа што миграцијата е секојдневна појава. Според податоците со кои располагаме, бројот на католици од западен обред е околу 5.000 верници. Повторувам, постојат верници уште во многу други места, но станува збор за поединечни семејства кои повремено своите верски обврски ги извршуваат во најблиската црква. Богослужбата во парохиите се одржува редовно во недела и на празници, како и секојдневно – додека во филијалите и капелите истата се одржува повремено. Во просек тоа се случува најмалку двапати месечно. Верниците се опслужени од пет свештеници: двајца од Врхвосанска надбискупија, двајца од новооснованата Струмичко-скопска бискупија и еден „Ад Мисио Гентес“ од Полска, додека двајцата инкардинирани свештеници во Скопска бискупија еден е во пензија, а другиот заради здравствени причини е ослободен. Од овие податоци за распоредот на парохиите, филијалите и капелите можеме да видиме дека западниот обред претставува вистинско „мисионерско подрачје“, а парохот или назначениот свештеник претставува “мисионер-патник“ во вистинска смисла на зборот. Таа динамика на мисионерство има своја привлечност, а на оние кои го немаат искусено тоа им изгледа како „света авантура“ и како нешто многу убаво. Секако дека е убаво, но истовремено е и многу тешко затоа што пасторалниот работник мора постојано да биде спремен, буден и способен да излезе во пресрет таму каде што е потребен. А знаејќи дека пасторалните работници се малку, тешко е да се зборува за темата којашто му е толку мила на Папата Франциск, имено, да се појде и да се бараат оние коишто се на на перифериите. Со други зборови, во една тешка дијаспора сите се „перифериите“. Кај нас во Македонија западниот обред страда од уште еден недостаток кој веќе сега е во фаза на решавање, а тоа е одговорното ангажирање на верниците лаици. Скопје може да се пофали со добро организирана соработка. Останатите парохиски центри во моментот работат на тоа. Морам да истакнам дека во некои заедници кои по традиција се парохии, како на пример Битола, тој дух постои и живее. Вредно е да се спомне дека во пархоиите каде што некогаш делувале или сѐ уште делуваат редовници, тие биле и сѐ уште се најважен чинител за собирање на верниците и за поврзаноста помеѓу нив, така што може да се зборува за вистински живи мали заедници по примерот на Делата апостолски. Тоа сознание е многу важно во Скопската бискупија, затоа што нѐ упатува дека Црквата не е само организација, туку и повеќе од тоа, таа претставува жив организам на мали заедници. Овде би го издвоил Куманово како еден практичен пример. Населба којашто постојано се зголемуваше така што едвај имавме увид во составот на населението. Тогаш се најде едно мисионерско неокатекуменско семејство кое дојде во Куманово. Неговата присутност и начинот на живот на мисионерите стана квасец кој веќе претставува организирана пасторална заедница. Во тој податок ја гледаме оправданоста на она за што еднаш Бенедикт XVI рече дека иднината на христијанството во Европа им припаѓа на малите, автентични заедници кои се цврсто поврзани помеѓу себе. Тие тогаш стануваат симбол на Црквата и квасец сличен на библиското „мало стадо“. Јасно е дека катехизацијата во такви околности е нешто сосема специфично. Во парохиите постои редовна парохиска катехеза која можеме да ја организираме – на пр. овде во Скопје – само кога децата од многуте различни училишта се навистина слободни, а тоа е за време на викендот. Недостатокот од пасторални работници најмногу се чувствува токму во делот на веронаучното пасторалнo оформување. Немаме институции, а засега ни сила, да образуваме катехисти и катехистки кои одговорно и целосно би можеле да го превземат своето послание во животот на Црквата. Далеку од тоа дека нема добри лаици, напротив, сите сме горди што имаме многумина, но изостанува прашањето за оформување за катехетска пасторална служба. Свештеникот како ракоположен служител има најмногу пасторално-литургиски обврски токму за време на викендот, како што се св. богослужби и делењето на светите тајни, и разбирливо му недостасува време и сила за редовна и систематска катехеза. Во овој поглед нашата Црква чувствува неодложна потреба нешто да се направи, со цел состојбата да се реши на некаков прифатлив начин. За жал, не можеме во целост да се потпреме на семејството како место на верско образование бидејќи постојат премногу мешани бракови. Со оглед на тоа што другите црковни заедници немаат разработен веронаучен план и програма, децата од мешаните бракови честопати се губат. Како што може да се види, и ова подрачје е типично мисионерско. „Жетвата е голема, а работниците се малку“.

 Што се однесува до работата со возрасните, тука всушност сме горди затоа што на посебен начин ја организиравме годината на семејството, годината на младите, како и многу други прилики каде што на катехетско-сакраментален план опфативме голем број на верници, па така може да се зборува за некаква ренесанса на возрасното христијанство во едниот и другиот обред. Сето тоа нѐ теши и нѐ охрабрува. Што се однесува до сакраменталниот живот, ни се чини дека не нѐ зафати бран на големо ширење, туку може да се каже дека се приметува една стагнација. Но она што нѐ радува е тоа што оние кои имаат потреба од сакраментите тоа не го прават од традиционални причини, туку речиси во сите случаи станува збор за баратели кои се спремни на подготовка и достојно учество во сакраментите. Такво искуство имаме речиси во сите парохии. Добра исповед, прослави исполнети со содржина и доживувања. И со тој знак на литургискиот живот – особено на убавото прославување на сакраментите, се случува еден феномен кој е веројатно единствен. На тие прослави понекогаш може да бидат присутни и доста некатолици. На тој начин Црквата станува она што во суштина е: знак. Колку ќе живее тој знак и колку ќе сјае неговата светлина зависи од нас, а најмногу од Божјата милост. Таков типичен пример за постојана духовна светлина е Спомен-куќата на Мајка Тереза. Она што е заедничко кај сите католици од двата обреди е тоа што бараат благослов на погреб. Верувам дека на сите нас ни е јасно дека во некои моменти гробиштата се најсилна проповедалница. Погребот е шанса за навестување на вечниот и добар Бог и на човекот како Негово створение кое го наследува вечниот живот. И овде нашата Црква е единствена и има посебна прилика да го навестува Божјото слово. Знае да се случи после некој погреб што изобилувал со Божјото слово, некој да побара сакраменти.

Она што е специфично и за двете црковни покраини е посланието коешто го вршат Македонски Каритас и Радио Марија Македонија, за што ќе зборувам на крајот.

Кога би го сумирале досега кажаното, наследив три парохии, останатото успеавме да го организираме во текот на времето па сѐ досега. Изградени се шест цркви и јавни капели кои сега се жаришта, така што можеме да зборуваме за мал, но значаен напредок на присутноста на Католичката црква во Македонија, а она што е уште поважно е грижата и пасторалот за нашите верници.

  1. Сега би преминал на извештајот за Состојбата на нововоспоставената Епархија „Успение на Пресвета Богородица Струмица – Скопје“.

Познато ви е дека Епархијата е заедница на верници од византиски обред кои стапија во соединение со Католичката црква преку позната Кукушка унија од 1859 година. Со оглед на тоа што не можеле да опстанат во тој крај на Македонија кој денес е во состав на Грција, биле протерани на територија на денешна Република Македонија и тоа во нејзиниот југоисточен дел. Новооснованата епархија како организирана Црковна заедница беше одвоена од јурисдикцијата на Крижевачкиот владика во 2001 година кога беше формиран Апостолскиот егзархат за католиците од византиски обред во Македонија, а прв егзарх беше мојот претходник, благопокојниот бискуп, монс. др. Јоаким Хербут. Кога го презедов Апостолскиот егзархат како ординариј, погоре спомнав дека постоеше, а и сега постои само еден деканат а постоеа и следните парохии: Струмица – „Успение на Пресвета Богородица“, Радово – „Св. Пророк Илија“, Нова Маала – „Успение на Пресвета Богородица“, Богданци – „Св. Кирил и Методиј“, Гевгелија – „Св. Петар и Павле“ и тогашните филијали: Петралинци – „Св. Кирил и Методиј“, Чанаклија – „Св. Ѓорѓи Великомаченик“, Стојаково – „Св. Климент“, како и капелата на гробиштата во Струмица „Св. Петар и Павле“. Тогаш инкардинираните свештеници од источен обред беа вкупно осум, а сега се 17 свештеници, кои опслужуваат околу 15.000 верници. Нови парохии во текот на времето се: во Струмица покрај Катедралата, основана е парохијата „Раѓање на свети Иван Крстител“ со новоизградени црква и парохиска куќа, Петралинци со сосема обновена парохиска куќа и новоизградена Црква, новооснованата парохија со новата Црква св. Димитрија и новата парохиска куќа во Сарај, Секирник – со црквата св. Никола и парохиската куќа, Радово – со нова Црква и црковна сала, Стојаково со обновената црква св. Климент. На историскиот локалитет „Паљурци“ на местото на некогашниот манастир на сестрите Евхаристинки се наоѓа возобновеното светилиште со Капелата на Мајка Божја Утешителка, кое полека станува поклоничко место, а на истиот локалитет во тек е подготовката за изградба на Пасторален центар и светилиште св. Павле. Сакам да потенцирам дека култот на св. Павле на овие простори е присутен од библиските времиња на Новиот Завет.

Што се однесува до пасторалната работа, сите парохии се пополнети а поголемите од нив имаат и капелани. Сите свештеници се во брак, освен еден. Тој податок дека свештениците со нивните семејства се присутни во парохиската заедница е посебна околност која во пасторалот значи многу. Тие се видлив знак на црковниот живот не само како посветена личност, туку и како семејство. За разлика од другите цркви од „источна традиција“, во нашите цркви литургија се служи секој ден, а во филијалите секоја недела и на празници. Олеснителна околност претставува фактот што некои парохии се компактно католички. Околу половина од нив се мешани, а само неколку се со малцинско католичко население. Во такви околности, целиот пасторал е поставен на црковен простор – црквите и двораните.  Одржувањето на веронаука е полесно отколку во градовите затоа што децата постојано се околу црквата. Речиси во секое слободно време може да се зборува за феноменот на живот со црквата. Така во тие компактни средини се живее во ритамот на литургискиот календар. Од тие причини и отстапувањето и намалувањето на бројот на верници е незначителен, освен кај оние кои се „осетливи“ повеќе или помалку од екуменски причини. Семејните врски со иселениците честопати се многу живи и ние сме горди што и ширум светот овие верници живеат во духот на црквата.

Тоа претставува единствен случај на спој на презвитерите на две традиции каде што за сите пасторални програми и духовни потреби се собираме заедно и така свештениците навистина се чувствуваат соодговорни за една црква која негува две традиции. Што се однесува до духовните повици, му благодариме на Бога, тоа во источниот обред не недостасува. И сега имаме кандидати на теолошки студии во Рим, до пред извесно време и во Сараево, а и во бискупската класична семинарија – Паулинум во Суботица, како и богослови кои ги завршија студиите. Сакам да истакнам, дека на овие простори во двата обреда имаше и Лазаристи и Исусовци, но сега веќе нема. Еден женски ред на Евхаристинки домашна заедница основана во 1889 година во Солун. За жал, и во тој Ред постои голем недостаток на духовни звања. Овде се и сестрите на св. Мајка Тереза и словенската провинција на Сестрите Усмиленки на св. Винко Паулски. Феноменот на опаѓањето на женските духовни повици е ист со оној што се воочува и во Хрватска, Словенија и во Европа. Не можеме, а да не се сетиме дека во времето на создавањето на комунистичка Југославија сестрите биле многубројни во Македонија и можеме слободно да кажеме дека со своето тивко служење тие буквално влијаеја на воплотувањето на Католичката црква. Сега нивното исчезнување го доживуваме како губиток и многу ни е тешко да најдеме начин да ги замениме затоа што луѓето сѐ уште се свесни за спомените кои сестрите ги оставија. Неизмерно благодарни сме му на Бог што во овие нови денови нашата сограѓанка св. Мајка Тереза беше прогласена за светица на Католичката црква. Интересно е тоа што Спомен – куќата на Мајка Тереза е најпосетуваниот објект во Скопје. Во присуство на нејзините сестри некако ја негуваме надежта дека тие со својата работа и Мајка Тереза со нејзините молитви ќе го сочуваат духот и бројот на редовници во нашата Бискупија и во нашата Епархија.

  1. Со оглед на тоа што станува збор за Ординариј кој е една личност во двата обреди, јасно е дека и во сите Централни установи, наспроти двете традиции, само една е централна, како што е ординаријатот со сите бискупски – епархиски тела, советот на конзултори и сите останати. Од институциите би ги истакнал Македонски Каритас, Радио Марија во Скопје кое сега отвора свое ново студио и во Струмица, движењата како што се Марииното дело – Фоколарините, Неокатекумените.како и симпатизерите на Комунионе е либерационе (Заедништво и слобода),

Каритас во соработка со Меѓународните институции направи многу, особено во време на немирите при распадот на поранешна Југославија, конфликтот во 2001 година и сега за мигрантската криза. Радио Марија постои од поново време, односно од 2014 година и ми се чини дека и покрај сите ограничувања, сепак ја извршува својата евангелизациска улога на начин кој е својствен за таков вид на медиум. За жал, во Католичката црква во Македонија не постои силно развиен католички печат, освен списанието „Светлина“ кое излегува повремено, но затоа имаме извонредно добро организиран портал „Католици.мк“ кој е далеку попосетен во однос на бројот на католици во Македонија. Со овој портал всушност сме присутни во светот на медиумите. Од тука би сакал да ги поттикнам и охрабрам националните електронски и пишани медиуми во Република Македонија во своите уредувачки концепти да внесат повеќе за малцинските верски заедници, но воопшто и за сите, за да можеме да го дадеме својот допринес во ова наше општество со светлите примери кои често се случуваат незабележани од медиумите. Тоа што можам да го кажам и да изразам благодраност до Македонската Радио Телевизија која двапати годишно ги пренесува св. Миси за Божик и Велигден од Скопската катедрала Пресвето Срце Исусово, но тоа се само двапати, додека останатите настани поминуват незабележливо. Истото е и со локалните радио станици и телевизии, а да не зборувам за настаните кои се случуваат на ниво на Католичката црква во светот. Како верници католици нормално би сакале да се емитува и некој значаен настан што се случува во Ватикан од страна на св. Отец Папа. За жал од таквите многубројни позитивни настани во поглед на верата, пасторалот, моралот, едукативно верскот карактер сме лишени додека често пати се придава важност на незначајни негативни настани.

И за крај, но не и помалку значајно, ја наглсувам екуменската работа и добрите односи со Црквите и верските заедници па и државните органи на Република Македонија. Со Православната црква честопати сме во контакт и се среќаваме. Како пример ќе го наведам Емаус (третиот ден на Велигден) на кој со свештениците и нивните семејства поклонички ги посетивме Католичките и Православните цркви и манастири во Скопје, каде што заеднички молевме и се дружевме давајќи знак на верата во победата на воскреснатиот Господ Бог.

Заклучок:

Ви благодарам што ме ислушавте и што разбравте дека Црквата од двата обреда во Македонија е мисиска црква, но Црква на надежта која не само што ја негува традицијата туку и го унапредува верскиот живот и на тој начин дава свој придонес во целото општество со цел да не го загубиме христијанскиот идентитет. Се ставаме под закрила на св. апостол Павле, првиот евангелизатор на територијата на Македонија, сесловенските апостоли Кирил и Методиј, св. Климент и Наум и св. Мајка Тереза. Благодарам.

 

Киро Стојанов

 

Денешната состојба на Католичката црква во Македонија

Краток преглед

Католичката црква во Македонија се состои од две црковни покраини: Скопска бискупија од римски обред и Струмичко-скопска епархија од византиски обред.

По Божјото провидение, а заради малкубројноста или Црква во дијаспора, и двете црковни покраини се наоѓаат под водство на еден епископ – ординариј.

Територијалната организација на Католичката црква во Македонија која е опфатена во Скопска бискупија и Епархија струмичко-скопска е уредена по принципите на Црковното право: деканати, парохии, филијали и капели. Во рамките на западниот обред а истото е и во источниот обред, постои само еден деканат.

Скопска бискупија е составена од следните парохии:

Скопје – Пресвето Срце Исусово,

Битола – Пресвето Срце Исусово,

Охрид – Св. Кирил и Методиј и св. Бенедикт,

Штип – Свето Благовештение.

Католички центри и филијали:

Скопје – „Св. Јосиф“

Куманово – „Св. Иван Крстител“ , (Missio ad gentes)

Велес – „Безгрешно зачнување“

Прилеп – „Раѓање Мариино“ 

Бистренци – „Св. Јосиф Работник“

Бројот на верниците католици од западен обред изнесува околу 5.000 верници кои се опслужувани од пет свештеници.

Епархијата „Успение на Пресвета Богородица во Струмица-Скопје ги вклучува следните парохии:

Струмица – „Успение на Пресвета Богородица“,

Струмица – „Раѓање на Свети Иван Крстител

Радово  – „Св. Пророк Илија“,

Нова Маала – „Успение на Пресвета Богородица“,

Богданци – „Св. Кирил и Методиј“,

Гевгелија – „Св. Петар и Павле

Петралинци – „Св. Кирил и Методиј“,

Секирник – „Св. Никола Чудотворец

Сарај – „Св. Димитрие Великомаченик“

Филијали

Чанаклија   – „Св. Ѓорѓи Великомаченик

Стојаково   – „Св. Климент

Капели

Струмица – „Св. Петар и Павле

Радово – „Марија од Назарет“

                    „Св. Мајка Тереза“

Паљурци – „Мајка Божја Утешителка“

                    „Св. апостол Павле“

Бројот на верници католици од источен обред изнесува околу 15.000 а опслужувани се од 14 свештеници.

На територијата на двете бискупии делуваат и монашките заедници: Сестри Евхаристинки; Милосрдните сестри на св. Винко и Сестрите мисионерки на љубовта. Новите дивижења: Марииното дело – фоколаринки; Неокатекумени и Комунионе е либерационе.

Црквата од двата обреда во Македонија е мисиска црква, но Црква на надежта која не само што ја негува традицијата туку и го унапредува верскиот живот и на тој начин дава свој придонес во целото Општество со цел да не го загубиме христијанскиот идентитет.

 

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот