Првиот говор на Папата во Ерменија

Папата по слетувањето на аеродромот и по протоколарниот пречек во Ерменската апостолска катедрала во Ечмијаздин го одржа својот прв говор.

На 24 јуни 2016 година Светиот Отец нешто пред 13 часот според наше време допатува во Ереван, Ерменија. Папата беше пречекан од претседателот на Ерменија Серж Саргсјан, потоа патријархот ерменско апостолски Карекин II, католикос ерменско католички Пјер Грегоар XX Габројан, како и некои од ерменско апостолските епископи како и епископи католици со големо мноштво верници. Потоа Папата се упати во Ечмијаздин каде што во тамошната катедрала го одржа својот прв говор.

Со емоции го преминав прагот на ова свето место, сведок на историјата на вашиот народ, центарот на неговата духовност; и тоа што можам да пристапам на светиот олтар од кој светлината Христова заблеска во Ерменија го сметам за скапоцен Божји дар – рече Папата поздравувајќи го Карекин II на кој му се заблагодари како и на архиепископите и епископите на Ерменската апостолска црква. Папата истакна дека – му е искажано гостопримство – знак на љубов кој јасно и многу повеќе од зборови покажува што значи пријателство и братска љубов.

Папата во својот говор му се заблагодари на Господ за светлината на верата која во Ерменија блеска веќе во 301 година за време на прогонот, кој тогаш уште беснеел во Римското царство давајќи и така посебен идентитет и правејќи ја така Христов гласник меѓу народите. Христос е вашата слава. Сонце кое ви блеска и осветлува и ви донесе нов живот; сонце кое ве следело и придружувало посебно во моментите на големи искушенија – рече Папата. Ничкум паѓам пред Господовото милосрдие кое сакаше Ерменија во 301 година да стане првиот народ кој ќе го прегрне христијанството, како своја религија, во време во кое во Римското царство сè уште владееле прогони.

Светиот Отец му се заблагодари на Господ за досегашното заедничко одење на Католичката и Ерменската апостолска црква, остварен пат на искрен и братски дијалог со цел достигнување на полно учество на евхаристиската трпеза. Нека Светиот ДУх ни помогне да го оствариме ова единство за кое нашиот Господ и молеше за неговите ученици, да бидат едно и светот да поверува – рече папата Фрањо.

Меѓу останатото истакна дека светот е означен со поделби и конфликти како и со тешки облици на материјално и духовно сиромаштво, отфрлање на луѓето, децата и старите луѓе што бара од христијаните силно сведоштво и братска соработка за пред секоја совест да заблеска моќта и вистината на Христовото воскресение. Трпелив и обновен напор кон полното единство, интензивирање на заедничките потфати и соработка на сите Господови ученици од аспект на заедничкото добро како светлина во темната ноќ и апел да се живее во љубовта и меѓусебното разбирање па и во поглед на разликите (кои постојат) – истакна Светиот Отец.

Во заклучокот на својот говор папата Фрањо рече дека кога нашето делување е вдахнато и придвижено со силата на Христовата љубов тогаш се зголемува и познавањето и меѓусебната доверба; се подобруваат условите за плодно екуменско одење и во исто време на секој човек со добра волја како и на целото општество им се покажува конкретен пат кој е можно да се помине; со цел надминување на конфликтите и поделби кое граѓанското општество го оптеретуваат и поткопуваат, а кое тешко се лекува.

Папата на крајот посака Семоќниот Бог преку заговорот на Пресвета Марија светоит Гргур Просветител и свети Гргур од Нарек да го благослови целиот ерменски народ и да го сочува во верата која ја примил од татковците и за која Ерменскиот народ сведочи во текот на сите изминати векови.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Uncategorized

За авторот