Распоредот на Папата за посетата на Асизи и литургиските славења во август

Распоредот на Папата за посетата на Асизи и литургиските славења во август

Канцеларијата за печат на Светиот Престол го објави распоредот за посетата на папата Лав XIV на Асизи на 6 август 2026 година, каде што ќе служи света Литургија со младите учесници на средбата „Оди! Фрањевска младина 2026“.

Во четврток, 6 август, на празникот Преображение Христово, папата Лав XIV ќе оствари пасторална посета на италијанскиот град Асизи. Таму ќе се сретне со стотици млади луѓе, ќе служи света Литургија и ќе се сретне со локалните власти и претставници на Црквата.

За време на посетата, Папата ќе се сретне со младите што учествуваат на средбата „Оди! Фрањевска младина“, која ќе се одржи во Асизи од 3 до 6 август.

Според распоредот објавен од Канцеларијата за печат на Светиот Престол, папата Лав XIV ќе го напушти Ватикан во 8:00 часот наутро со хеликоптер и ќе пристигне во Асизи во 8:30 часот. Таму ќе биде пречекан од надбискупот на Асизи, Феличе Акрока, и од италијанските цивилни власти.

Потоа ќе се упати во базиликата „Света Марија од Ангелите“, каде што ќе се сретне со генералните министри на фрањевските редови. Во 8:45 часот, на плоштадот „Света Марија од Ангелите“, ќе се сретне со младите и ќе одговори на три нивни прашања.

По средбата, во 9:15 часот, Папата во манастирот ќе ги поздрави претставниците на Фрањевскиот ред, меѓу кои и членовите на националниот комитет што ги организира настаните по повод 800-годишнината од смртта на свети Фрањо.

Во 10:30 часот, папата Лав XIV ќе служи света Литургија во базиликата „Света Марија од Ангелите“. На крајот од славењето, еден млад учесник ќе му се заблагодари на Папата за оваа средба.

Папскиот хеликоптер треба да полета од Асизи околу 12:15 часот и да слета во Ватикан во 12:45 часот.

Младите се среќаваат со свети Фрањо

„Оди! Фрањевска младина“ е меѓународен собир во Асизи, наменет за млади луѓе на возраст од 18 до 33 години, верници и неверници, од цела Европа. Програмата ќе вклучува работилници, молитва, музички натпревар и други активности.

Во 2026 година се одбележува 800-годишнината од смртта на свети Фрањо. Во текот на целата година во Асизи се одржуваат бројни настани, литургиски славења и собири посветени на оваа годишнина.

Други папски славења во август

Папската канцеларијата за литургиски славења ги објави и другите литургиски настани на Папата во текот на август.

Освен во Асизи, Папата ќе служи света Литургија и во сабота, 15 август, на празникот Успение на Пресвета Богородица, во Папската парохија „Свети Тома Виланова“ во Кастел Гандолфо, во 10:00 часот.

Во сабота, 22 август, папата Лав XIV ќе оствари пасторална посета на Римини, град во централна Италија, каде што ќе учествува на 47. издание на Средбата за пријателство меѓу народите. Таму ќе служи света Литургија во градското пристаниште во 18:30 часот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Uncategorized

За авторот