Оваа недела, прва после Педесетницата, Црквата од Византиски oбред го слави споменот на Сите Светии кои се сведоци за вистината на христијанската вера.
На завршетокот од историјата на спасението издејствувана од Исус Христос (овоплотението, смртта, воскресението, вознесението на небото во славата), и испраќањето на Светиот Дух врз апостолите, на денот на Педесетницата – кој секој еден христијанин лично го прима во Светата Тајна Миропомазание – се врши преобразба на човекот и негово осветување.
Црквата за размислување ни го дава неделното читање од Евангелието според Матеј каде што Исус вели дека, „сите вие што врвите по Мене, (…) ќе наследите сто пати повеќе и ќе добиете живот вечен“:
Кога Господ повикува некој, не го повикува заради негова лична корист, туку за да го преобрази во едно ново битие, за да го направи божествен, да го исполни со Самиот Себе, влевајќи ја во него целата моќ од својата љубов, од својата сомилост и милосрдие, за да направи од него совршена слика од самиот Себе, со цел човекот да делува секогаш како „Бог“ а не како „тело на гревот, на смртта“. Како што Бог делува секогаш како Спасител кон своето создание, така и повиканиот од Господа секогаш да делува кон своите браќа. Ќе ја разбереме оваа вистина ако дозволиме да си помогнеме од примерот на Мојсеј кој му велеше на својот народ, веќе подготвен да влезе во Ветената Земја: Еве го неговиот „духовен завет“.
„Внимавај, небо, јас ќе говорам; и нека ги слуша и земјата зборовите од устата моја. Да се разлее како дожд заветот мој, како роса да паднат зборовите мои, како пороен дожд на троскот и како слана на сено. Името Господово ќе го призовувам; воздајте Му слава на нашиот Бог! Он е тврдина, делата Божји се вистина, а сите патишта Негови се праведни; Бог е верен и неправда нема (во Него); Он е праведен и вистинит; но тие станаа и згрешија пред Него, тоа не се Негови деца поради пороците свои; род дрзок и развратен. Тоа ли Му го воздавате на Господа, народе глупав и безумен? Нели е Он твој Отец, Кој те создаде, те усвои и те издигна? Сети се на старите денови, помисли за годините на поранешните поколенија; прашај го татка си – и тој ќе ти каже, старците свои – и тие ќе ти речат. Кога Севишниот го разделуваше наследството на народите и ги расејуваше синовите Адамови, тогаш стави граници меѓу народите според бројот на ангелите Божји, зашто делот на Господа е Неговиот народ; Јаков е наследството Негово. Он го најде во пустиња, во земја безводна, го заштитуваше, се грижеше за него, го чуваше како зеница на окото свое; како што орелот го покрива гнездото свое, и сакајќи ги орлињата, ги раширува крилјата свои, ги зема и ги носи на пердувите свои, така Господ Сам ги водеше нив, и немаше со Него туѓ бог. Он ги искачи на земната височина, ги заситуваше со полските жита и ги хранеше со мед од камен и елеј од тврда карпа; со кравјо масло и овчо млеко, и со лој од јагнињата, од овците, од јунците, и од козлите, со најдобро жито, и тие пиеја вино, крв од грозје“ (Повторени закони 32, 1-14).
Зошто Исус ги повикува своите апостоли, своите ученици, своите верни? Не заради Него, туку за да ги исполни со Него, со Бог, со Светиот Дух, со својата вечна љубов, за да ги преобрази во милосрдие, во милост, во сомилост, со божествена дарителна љубов, со цел тие да живеат како совршена слика на Господ и како Него да го дадат целиот свој живот за спасение на нивните браќа. Мисијата не е една наградба, една покривка, една облека која се става врз христијанската кожа, туку таа е кога истата природа од христијанинот е преобразена во љубовта на Исус Христос. Христијанинот од Господ е направен од љубов за спасение, за откуп, за вистина, за сомилост, за светост. Тој живее и живеејќи сака, спасува и откупува. Секоја поделба помеѓу мисијата и битието, од нас прави вештачки мисионери. Исус нѐ преобрази во љубов во сѐ сличен на Неговата, а Неговата е пречиста љубов за спасение.
Не се оди по Исус затоа што Тој има потреба за нешто од нас. Се оди кај Него како што глината оди во рацете на Господ: за да бидеме, засекогаш, преобразени во суштества кои сакаат, бидејќи нашата природа е љубов. Кога нашата природа во Христа, преку моќта на Светиот Дух, станува љубов, тогаш не се прашува која е добивката од наследувањето. Љубовта е добивка за самата себе. Да се стане личност од љубов е највисоката добивка за човекот. (…)
Дева Маријо, Мајко на Спасението, Ангели, Светци, направете од нас пречиста љубов во Исус.
Ла Киеза/З.А