Слово за живот за март 2017

Слово за живот за март 2017

„Помирете се со Бога!“ (2Kor 5, 20)

На многу делови на нашата планета се водат крвави војни. Изгледаат бесконечни, а ги зафаќаат семејства, племиња и народи. Дваесетгодишната Глорија раскажува: „Ни јавија дека едно село е запалено и дека многумина останаа без она што го имаа. Со своите пријатели почнав да собирам предмети кои би можеле да користат: душеци, облека, храна. Тргнавме кон нив и по осум часа патување сретнавме многу очајни луѓе. Ги слушавме нивните приказни, им ги бришевме солзите, ги прегрнувавме и ги утешувавме. Едно семејство ни се довери: ‘Нашето девојче се наоѓаше во куќа која ја запалија. Чувствуваме дека и ние умираме со неа. Сега во вашата љубов наоѓаме сила да им простиме на луѓето кои тоа го предизвикаа.’

И апостол Павле доживеа силно искуство. Токму тој, прогонителот на христијаните, на својот пат целосно неочекувано ја сретна бесплатната Божја љубов, а Бог потоа го прати како гласник на помирување во Негово име.

Така стана силен и веродостоен сведок на таинството на умрениот и воскреснатиот Исус, кој го помири светот со себе за сите да можат да спознаат и да доживеат живот на заедништво со Него и со браќата. Преку Павле евангелската порака стигна дури до паганите и ги воодушеви, тие кои важат за најоддалечени од спасението: помирете се со Бога!

И ние можеме да дозволиме Божјото милосрдие – претераната љубов! – да го оздрави нашето срце и конечно да нѐ ослободи тоа богатство да го поделиме со другите, наспроти грешките кои нѐ обесхрабруваат или лажните сигурности кои нѐ залажуваат дека тоа не ни е потребно. Така ќе дадеме придонес на планот на мирот што Бог го има за целото човештво и над сѐ што е создадено, а кој ја надминува историската противречност, како што тоа го предлага Кјара Лубик во еден свој запис:

„На крстот, во смртта на својот Син, Бог ни даде најголем доказ за својата љубов. По Христовиот крст Тој нѐ помири со себе. Таа темелна вистина на нашата вера денес ја доживува својата актуелност.

Целото човештво ја очекува оваа објава: Бог со својата љубов им е близок на сите и силно го љуби секого. На нашиот свет му е потребно навестување, но можеме да го шириме најпрво ако навестуваме или ако повторно навестуваме на самите себе, така што ќе се почувствуваме опкружени со таа љубов, па и тогаш кога се нѐ води да мислиме спротивно (…) Сето наше однесување би требало да ја потврдува вистината која ја навестуваме. Исус јасно кажа дека пред да принесеме дар на жртвеникот повторно треба да се помириме со нашиот брат или сестра, ако тие имаат нешто против нас. Да се љубиме едни со други како што Тој нѐ љубеше нас, без затвoрање и предрасуди, отворени да ги воочиме и да ги цениме позитивните вредности на нашиот ближен, подготвени да го дадеме животот едни за други. Тоа е Исусовата заповед во највисоката смисла, знак на распознавање на христијаните, која вреди до ден денес како и во времето на првите Христови следбеници. Да се живее оваа реченица значи да станеме миротворци.“

Живеејќи на тој начин ќе ги збогатиме нашите денови со гестови на пријателство и помирување во нашето семејство и меѓу семејствата, во нашата Црква и меѓу Црквите, во секоја граѓанска или верска заедница на која и припаѓаме.

Летиција Магри

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот