Често се сеќавам на мојот поранешен парох, кој на веронаука, кога бевме првопричесници, нè учеше како треба да се клекне во црква. „Десното колено до подот…“, велеше.
Подоцна, кога и самата ги учев првопричесниците на ист начин, еднаш се запрашав: зар тоа навистина е толку важно?
Дали на Бога Му е важно што сме облекле за неделната света Литургија? Дали Му е важно дали при влегувањето во црква свесно сме се прекрстиле и дали достоинствено сме Му се поклониле пред светохранилницата, Неговото пребивалиште?
Често сум имала можност да слушнам дека на Бога не Му се важни тие надворешни работи. Нему најважно Му е дека сме дојделе, велат некои. Важно е да веруваме во Неговото присуство во светохранилницата и да Му се молиме.
Но можеме ли за некој што доаѓа на неделното евхаристиско славење облечен како да оди на игралиште да кажеме дека навистина ја разбира посебноста на светата Литургија?
Можеме ли да кажеме дека некој што поминува низ црквата до своето место, без да погледне кон светохранилницата, навистина разбира Кој е таму вистински присутен и што навистина се случува во литургиската жртва?
Нашиот внатрешен став и нашето разбирање за некои работи често се одразуваат во нашето однесување и во нашите гестови.
Можеби на Бога не Му е важно дали сме дошле во свечени панталони или во тренерки, дали сме клекнале со десното колено до подот или не. Но тие работи се важни за нас. На тој начин во себе го негуваме чувството на стравопочит и побожност што треба да го имаме кога влегуваме во Божјиот дом.
Кога ни е јасно дека во светохранилницата, под видот на лебот, е присутен живиот Бог, природно ќе ни биде да застанеме пред неа и со почит да се поклониме.
Крепоста на праведноста нè учи секому да му го дадеме она што му припаѓа. Крепоста на богопочитувањето, која е дел од праведноста, нè учи на Бога да Му ја дадеме честа и славата што Му припаѓаат, а Нему Му припаѓа најголема чест и слава.
Затоа да не заземаме погрешен став дека на Бога Му е доволно нешто минимално и дека Тој ќе се задоволи со најмалку што можеме да Му дадеме. Да се трудиме да Му дадеме сè, и кај децата и младите да ја воспитуваме желбата и тие да Му дадат сè.
Да ги научиме со свој пример дека црквата е посебно место, каде што доаѓаме пред Некој посебен.
Чувството за светоста на сакралниот простор и свеста дека сме на посебно место, пред Најпосебниот, треба да биде темел врз кој младите ќе го градат разбирањето на својата вера.
хкм/к.мк

