Слово за живот за февруари 2019

Слово за живот за февруари 2019

„Да бара мир и да врви по него“ (Псалм 33 ,14)

Во овој псалм царот Давид ја изразува својата радост и своето признание пред соборот: доживеал опасност и вознемиреност, но со доверба го повикал Бог на Израилот и мирот му се вратил.

Централниот лик на оваа пофалба е Бог и неговото милосрдие, неговата силна и одлучна присутност во животот на сиромашниот и угнетениот кој го повикува.

За ова спасение да го достигнат и другите, царот Давид предлага некои ставови на срцето: да се избегнува да се прави зло и секогаш да се настојува да се прави добро.

Се истакнува и потребата да не се клевети ближниот. Всушност, зборот може да доведе до војна.

 Да бара мир и да врви по него“

Во библискиот јазик зборот мир има многу значења. Може да биде телесна и духовна благосостојба или сложност меѓу поединци и меѓу народи. Но мирот пред сѐ е дар од Бога преку кој го откриваме неговото татковско лице.

Затоа е повеќе од потребно упорно и горливо да се бара Бог во нашиот живот за да можеме да доживееме вистински мир.

Во таа интересна потрага мораме да имаме свој дел и да го следиме гласот на совеста кој секогаш нѐ поттикнува да го избереме патот на доброто, а не патот на злото. Всушност би било доволно да дозволиме да нѐ пронајде Бог затоа што Тој веќе одамна тргна во потрага по секој од нас.

Како христијани ние преку крштението сме веќе во близок однос со Исус. Тој е оној близок Бог кој ни вети мир. Тој е мир. А примивме и дар од Светиот Дух, Утешителот. Тој ни помага со другите да ги споделиме плодовите на Божјиот мир кои сме ги доживеале. Тој ќе ни покаже пат како да ги љубиме луѓето околу нас и така да ги надминеме конфликтите, избегнувајќи неосновани обвинувања, површни осудувања и клевети, за да можеме го отвориме срцето за прифаќање на другиот.

Можеби нема да можеме да ги замолкнеме сите оружја кои пролеваат крв во многу делови во светот, но можеме да делуваме лично и да го вратиме животот во нарушените односи во семејството, во нашата христијанска заедница, на работното место, во општественото ткиво на нашиот град.

Од залагањата на малите или големите заедници, одлучни во сведочењето на силата на љубовта, може повторно да се изградат мостови меѓу општествените кругови, меѓу црквите, меѓу политичките партии.

 

„Да бара мир и да врви по него“

 Увереното заземање за мир ќе нѐ инспирира како да се однесуваме за да можеме да го заштитиме создаденото. И тоа е Божји дар на неговите деца, а нам ние е одговорност кон новите генерации.

 Вака Кјара Лубик му напишала на основачот на јапонското будистичко движење Рисо Косе Каи, Ники Ниван во 1990 година: „[…] Ако човек не е во мир со Бога, ни самата земја не е во мир. Луѓето верници го чувствуваат „страдањето“ на земјата кога човек не ја користи во склад со Божјите планови, туку само себично, од ненаситна желба за поседување. Токму таа себичност и таа желба ја загадуваат животната средина уште повеќе и пред било кое друго загадување, кое е само последица на тоа. […] Ако се открие дека сѐ создадено е дар од Отецот кој нѐ сака, ќе биде многу лесно да се пронајде складен однос со природата. А ако се открие дека тој дар е наменет за сите членови на човечкото семејство, а не само за некои, повеќе внимание и почитување ќе се посвети на она што му припаѓа на целото човештво, сегашно и идно.“

Летиција Магри

Категорија: Вера, Духовност

За авторот