Денешните свети заштитници се брачниот пар Прискила и Аквила, христијански мисионери и соработници на свети апостол Павле. Овој брачен пар особено покажува колку е важно сведоштвото и дејствувањето на христијанските сопружници. За нив како пример на семеен живот зборуваше папата Бенедикт XVI во својата катехеза што ја пренесуваме во продолжение.
Правејќи нов чекор во оваа своевидна галерија на портрети на првите сведоци на христијанската вера, денес ќе се задржиме на еден брачен пар. Станува збор за сопружниците Прискила и Аквила, кои се вбројуваат меѓу бројните соработници од кругот на апостол Павле.
Според податоците со кои располагаме, овој брачен пар имал исклучително активна улога во времето на првите почетоци на Црквата по Воскресението. Тие нè потсетуваат и на еден друг пар, Ананија и Сапфира, кои, за жал, зазеле став на дволичност и доживеале трагичен крај. – сп. Дела 5,1-11
Имињата Аквила и Прискила се во латинска форма, но мажот и жената што ги носеле биле од еврејско потекло. Аквила потекнувал од дијаспората во северна Анатолија, покрај Црното Море, додека Прискила, чие име понекогаш се скратува како Приска, веројатно била Еврејка по потекло од Рим. – сп. Дела 18,2
Во секој случај, од Рим пристигнале во Коринт, каде што Павле ги сретнал на почетокот од педесеттите години. Таму им се придружил, бидејќи, како што раскажува Лука, тие се занимавале со истиот занает како него, изработување шатори или покривки за домашна употреба, а бил примен и во нивниот дом. – сп. Дела 18,3
Причината за нивното доаѓање во Коринт била одлуката на царот Клаудиј да ги протера од Рим Евреите што живееле во градот. Римскиот историчар Светониј сведочи дека тие „предизвикувале немири поради некој Хрест“, со што, на непрецизен начин, се мислело на Исус Христос.
Од тоа може да се заклучи дека овие сопружници ја прифатиле христијанската вера уште во четириесеттите години во Рим, а во Павле нашле човек што не само што ја делел истата вера, туку и ревносно ја ширел.
Подоцна се преселиле во Мала Азија, во Ефес. Таму имале важна улога во дополнувањето на христијанската формација на александрискот Евреин Аполос. Бидејќи тој само делумно ја познавал христијанската вера, „Прискила и Аквила го зедоа при себе и поточно му го изложија Божјиот пат“. – Дела 18,26
Кога Павле од Ефес го пишува своето Прво послание до Коринтјаните, покрај своите лични поздрави, ги пренесува и поздравите од „Аквила и Приска, заедно со Црквата во нивниот дом“. – 1 Коринтјаните 16,19
Така дознаваме колку важна била улогата на овој брачен пар во животот на првата Црква. Тие го отвориле својот дом за групата месни христијани, кои таму се собирале на литургиски славења.
Токму таквиот вид собири се нарекувал „Црква“, на грчки ekklesia, односно свето собрание. Не е случајно што сите први христијански собири се одржувале во домашна атмосфера. До крајот на 3 век христијаните немале сопствени места за богослужба.
На почетокот за тоа служеле еврејските синагоги, сè додека христијанството не се одвоило од својата еврејска средина и не го добило својот сопствен идентитет. Потоа како места за собирање служеле приватните домови на христијани, кои повремено, веројатно секоја седмица, ги претворале своите домови во вистински цркви, каде што се читало Светото Писмо и се славела Евхаристијата. – сп. 1 Коринтјаните 11,17-34
Таков бил случајот, на пример, во Коринт, каде што Павле спомнува некој Гај, кого го нарекува „мој домаќин и домаќин на целата Црква“. – Римјаните 16,23
Слично било и во Лаодикија, каде што заедницата се собирала во домот на Нимфа, како и во Колоси, каде што собирите се одржувале во куќата на Архип. – сп. Колосјаните 4,15 и сп. Филимон 2
Кога подоцна се вратиле во Рим, Аквила и Прискила продолжиле да ја извршуваат оваа драгоцена служба и во престолнината на Царството. Павле, пишувајќи до Римјаните, упатува токму ваков поздрав:
„Поздравете ги Прискила и Аквила, моите соработници во Христос Исус. Тие ги изложија своите глави за мојот живот. Не им благодарам само јас, туку и сите Цркви од незнабошците. Поздравете ја и Црквата што се собира во нивниот дом.“ – Римјаните 16,3-5
Колку извонредна пофалба за овие сопружници. И тоа не ја изрекува кој било, туку самиот апостол Павле. Тој јасно признава дека тие биле вистински и важни соработници во неговиот апостолат.
Спомнувањето дека го изложиле својот живот за него веројатно треба да се поврзе со нивното залагање за Павле за време на некое од неговите затворања, можеби токму во Ефес. – сп. Дела 19,23, сп. 1 Коринтјаните 15,32 и сп. 2 Коринтјаните 1,8-9
А фактот дека Павле кон својата благодарност ја придружува и благодарноста на сите Цркви од незнабошците, дури и ако изразот го сфатиме како донекаде нагласен, покажува колку широко било полето на нивното дејствување и колкаво било нивното влијание во ширењето на Евангелието.
Подоцнежното хагиографско предание ѝ дало особено значење на Прискила, иако останува отворено прашањето за нејзината идентификација со маченичката Прискила. Во секој случај, во Рим постои црква посветена на света Прискила на Авентин, како и Прискилини катакомби на Via Salaria.
На тој начин продолжува споменот на една жена која несомнено била многу активна личност и од особена важност во историјата на римското христијанство.
Едно е сигурно. На благодарноста на првите Цркви за која зборува Павле, треба да ја додадеме и нашата благодарност. Благодарение на верата и апостолската посветеност на сведоци како Прискила и Аквила, христијанството стигнало и до нашето поколение.
Овој брачен пар особено покажува колку е важно дејствувањето на христијанските сопружници. Кога ги поддржуваат верата и силната духовност, нивната посветеност во Црквата станува природна.
Секојдневното заедништво на нивниот живот продолжува и на некој начин се возвишува кога тие заеднички преземаат одговорност за таинственото Тело Христово, дури и во неговиот најмал дел.
Уште една поука, која не смееме да ја занемариме, можеме да извлечеме од нивниот пример. Секој дом може да се преобрази во мала црква.
Не само во смисла дека во него треба да владее христијанска љубов, составена од несебичност и меѓусебна грижа, туку уште повеќе во смисла дека целиот семеен живот, втемелен на верата, е повикан да се движи околу единственото господство на Исус Христос.
Не е случајно што во Посланието до Ефесјаните, Павле го споредува брачниот однос со свршеничкото заедништво што постои меѓу Христос и Црквата. – сп. Ефесјаните 5,25-33
Уште повеќе, можеме да кажеме дека апостолот индиректно го обликува животот на целата Црква според семејниот живот.
Затоа да им оддадеме чест на Аквила и Прискила како примери на одговорен брачен живот, посветен на служба на целата христијанска заедница.
Катехеза на папата Бенедикт XVI на општата аудиенција, 2007 година

