Постои опасност верата да се претвори во световна моќ

Господ нè буди со сведоштвото на светците, со сведоштвото на мачениците, кои секојдневно ни го навестуваат Исусовиот пат и Неговото послание

Сведоштвото на мачениците ни помага да не паднеме во напаст верата да ја претвориме во моќ – истакна папата Фрањо на утринската света Литургија во понеделник 20 април во Домот света Марта.

Говорејќи за денешниот извадок од евангелието, во кое мноштвото, после чудесното умножување на лебовите и рибите го бара Исус, меѓутоа „не поради“ – како што рече – „верска восхитеност која те води кон поклонувањето на Господ“, туку поради „материјални интереси“, забележа дека во верата постои опасност од криво сфаќање на Господовото послание – а тоа се случува кога на Исус „се профитира“, лизгајќи „кон моќта“.

Во евангелието тоа се повторува. Многумина поради интереси го следат Исус. Дури и меѓу апостолите – предупреди Папата – како синовите Зеведееви „од кои“ – според зборовите на Папата – „еден сакаше да биде премиер, а вториот министер за економија“, односно „да се има моќ“. На тој начин, посланието на навестување на радосната вест постанува темно, се губи и се преобразува во нешто како моќта.

Таа опасност секогаш постоела. Тоа беше ѓаволската понуда до Исус во искушенијата, а тоа е секојдневно искушение за христијаните, за Црквата: искушението на моќта – не силата на светиот Дух – туку световната моќ. Така се запаѓа во верска млакост која води кон световноста, што – на крајот – води кон лицемерност – предупреди Светиот Отец.

На тој начин се постанува христијанин само со име и надворешност, додека во срцето се разни други интереси; токму како што рече Исус: „Вистина, вистина ви велам: вие не Ме барате затоа што видовте чуда, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте“. Тоа е лизгање во „световност, во моќ“, а така – заклучи Папата – слабее верата, посланието и Црквата.

Господ нè буди со сведоштвото на светците, со сведоштвото на мачениците, кои секојдневно ни го навестуваат Исусовиот пат и Неговото послание: да ја навестуваме годината на милосрдието. Народот – продолжи Папата – ја сфати Исусовата опомена и прашува: „Што да правиме за да извршуваме Божји дела“? Исус им одговори: „Божјото дело е ова: да поверувате во Оној Кого Го испрати Тој“. А тоа значи да имате доверба во Него, само во Него, а не во нешто друго што на крајот нѐ оддалечува од Исус – објасни Светиот Отец.

Светиот Отец ја заклучи проповедта со молитва Бог да ни подели милост на восхитеност во средбата со Исус и да ни помогне да не паднеме во духот на световноста, според која би живееле како провидни христијани, односно погани, заклучи папата Фрањо.

РВ/С.С.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот