Порака на Папата за 49. Светски ден на социјални комуникации: Семејството е прво училиште за комуникации

Да комуницираме учиме најпрво во контекст на семејството, а на нашата комуникација можеме да и помогнеме ако се фокусираме на семејството – заклучи Светиот Отец Фрањо во пораката за 49 Светски ден на социјалните комуникации. Средбата на Марија и Елизабета, кога „детето заигра во утробата на Елизабета“ покажува дека комуникацијата е „дијалог испреплетен со телесен јазик“ – рече Папата, истакнувајќи дека радоста за средбата е – нешто што сме го научиле уште пред раѓањето – пример и симбол на секој облик на комуникација. Утробата е – според зборовите на Папата – „прво ’училиште’ на комуникации, место на слушање и телесен контакт, каде почнуваме да се запознаваме со надворешниот свет во заштитена средина, со охрабрувачкиот звук на отчукувањата на мајчиното срце“.

Таа средба на двете личности – мајката и нероденото дете – „така блиску поврзани, но сеедно различни“ е прво искуство на комуникација. После раѓањето сме и понатаму во некоја смисла „во утробата“, имено во семејството. Независно од различноста на полот и возраста, членовите на семејството меѓусебно се прифаќаат поради својата поврзаност. Колку овие односи се пошироки и разликата во возраста поголема, толку побогато ќе биде нашето опкружување. Врската на односот во семејството лежи и во темелот на јазикот, па во семејството сфаќаме дека ни претходеле и други луѓе, кои ни овозможиле постоење. „Можеме да даваме, бидејќи сме примиле. Тој крепосен круг е во средиште на способноста на семејството за комуницирање. Општо, тоа е модел за сите комуникации“, заклучи Папата.

Тоа овозможува семејствата да станат средина во која се пренесува „основниот облик на комуникација, т.е. молитвата.“ Во семејството поголем дел од нас ја спознал религиозната димензија на комуникацијата која во христијанството е исполнета со љубовта која Бог ни ја дава и која потоа ние ја нудиме на другите – објасни папата Фрањо. Преку односите во семејството го сфаќаме значењето на комуникцијата како „препознавање и создавање на блискост“ односно „намалување на одделеноста“ и „прифаќање на другите“.

Семејството оживува кога ги поминува своите граници и комуницира со пораката за живот и заедништво, пружајќи така утеха и надеж за кревките семејства и градејќи ја на тој начин самата Црква која – како што вели Светиот Отец – „семејство на семејствата“. Меѓутоа во семејствата повеќе од било каде на друго место ги доживуваме сопствените граници. Нема совршени семејства и не треба да се плашиме од несовршеноста, слабостите, па дури ниту од конфликтите, туку треба да научиме како со нив конструктивно да се носиме. Така семејството станува „училиште на простување“, а само простувањето е „процес на комуникација.“

Семејствата со деца кои имаат телесни или душевни тешкотии можат во многу да нè поучат бидејќи моторните, сензорните или менталните ограничувања можат преку љубовта на родителите, браќата и пријателите да станат „поттик на отвореност, делење и подготвена комуникација со сите“ – истакна Светиот Отец и продолжи:

Во светот во кој често се пцуе, проколнува, клевети и озборува, семејствата можат да поучат да се „сфати комуникацијата како благослов.“ Во тешките семејни ситуации само благословување, а не проколкување; со прифаќање, а не со борба може да се запре злото и да се покаже дека доброто е секогаш можно – порача Папата додавајќи дека модерните медиуми кои се неразделен дел од животот особено за младите можат и да помогнат и да попречат во комуникацијата во семејствата.

Попречуваат ако станат еден од начините за да се одбива да се слушат другите, да се избегнува присуството со другите и да го загушуваат секој момент на тишина и одмор, откажување од фактот дека – како што кажа папата Бенедикт XVI – „тишината е дел кој ја дополнува комуникацијата; ако неа ја нема, нема да можат да постојат ниту зборовите со богата содржина.“ Од друга страна, медиумите помагаат кога отвораат врата за нови средби. Важно е новите технологии разумно да се користат и да не им дозволиме да владеат со нас.

Голем предизвик е денес – вели понатаму папата Фрањо – повторно да научиме како „да разговараме едни со други“, а не само да создаваме и конзумираме информации. Информациите се важни, но не се доволни. Премногу често работите се поедноставуваат и меѓусебно се спротивставуваат наместо да се пружи целосен поглед.

Семејството не е предмет за расправа или поле за идеолошки борби – нагласи Папата – туку „средина во која учиме да комуницираме“. „Семејството е заедница која пружи помош, го слави животот и е плодна. Кога тоа ќе го сфатиме повторно ќе можеме да го видиме семејството како големо богатство, а не проблем или институција во криза.“ „Медиумите понекогаш го претставуваат семејството како некој вид на апстрактен модел кој треба да го прифатиме или отфрлиме, да го штитиме или напаѓаме, а не како жива реалност. Или (го претставуваат) како подрчје за идеолошки конфликти, а не средина во која можеме сите да ги учиме што значи да комуницираш во љубовта која ја примаме и возвраќаме“ – предупреди Светиот Отец.

Најубавото семејство – протагонист, а не проблем – е она кое знае да пренесува попоаѓајќи од сведочењето, убавината и богатството на односите помеѓу мажот и жената и помеѓу родителите и децата. „Тоа не значи да се бориме за да го штитиме минатото, туку да работиме со трпение и доверба во сите срдини за да ја изградиме иднината“ – стои на крајот од пораката на Светиот Отец.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот