Повредна си од погледот

Драга девојко, се запрашуваш ли некогаш колку вредиш; колку всушност имаш да понудиш и да дадеш? Девојките денес очекуваат почитување, а неретко им недостига токму тоа почитување кон самите себе. Толку многу вложен труд во начинот на облекување, трепки, фризура и нешто четврто, а така мал труд вложен во самата себе… Што сакам со тоа да кажам? Не дека треба да одите како „страшила“ и да не се дотерувате понекогаш, туку дека постојат одредени граници. Секој весник за вас девојките ќе ви даде илјада начини како да го освоите машкото, а ниеден нема да спомне еден единствен начин како да се добие заслужената љубов и почитување. Барате често поглед и површност, бидејќи сметате дека не можете да добиете повеќе или дека е тоа многу, а заборавате всушност колку сте вредни.

Ти си врв на созданието!

Ти, девојко, припаѓаш на видот на создание кое е направено така прекрасно и така совршено, а за тоа да не си ни свесна. Ти си врв на созданието! Нема подобро од тебе. Бог застана на жената, бидејќи едноставно не можеше подобро. Обликувана си повредна од тој поглед кој го бараш. Вредна си за потполно предание и љубов, и само е еден достоен и во можност таа иста љубов да ти ја пружи. Само еден! Зошто тогаш ги бараш нив 123, кога знаеш дека ниеден не може да ти го пружи она што го заслужуваш, она за што си создадена?! Знаеш дека си создадена за нешто повеќе и подлабоко. Зошто тогаш со задоволуваш со она малку и плитко? Го покажуваш телото на сите, а само еден би требало да ја има таа привилегија да го види. Смешно ми е тоа, знаеш. Тоа е како да ти се нуди работа од соништата, меѓутоа ти со задоволство ја прифаќаш онаа помалку вредна, која всушност и не ја сакаш само затоа што сметаш дека оваа работа од соништата е претешка. Верувај ми, ако не ја заслужуваш, не би ти ни ја понудиле. Имаш квалификации поголеми од било кој за да бидеш почитувана, само често таа скала на почитување ја спушташ на тоа ниво секој да може да ја прескокне. Зошто? Во себе ја имаш запишано висината која само еден може да ја прескокне. А ни тој не може сам, туку тој (mister right) добива „крадливо“ од Исус. Често ја бараш за мислење и процена својата пријателка пред да го прашаш оној кој те познава најдобро.

Вредна си за борба и упорност, мака и труд…

Кога би те прашал што е љубов, што би одговорила? Веројатно тоа би биле класични одговори како: па љубов е кога со друга личност ти е супер, кога си насмеан и кога многу се грижиш за таа личност… Хмм… Сето тоа држи, меѓутоа кој е најважен сегмент на љубовта? Мое мислење е дека тоа е „добрата волја“. Што значи тоа? Тоа е она кога го сакаш само најдоброто за својот партнер. Тоа е прво што мораш да се запрашаш кога си со некој… Го сака ли тој она што е најдобро за мене или го бара своето задоволство и својата волја? Не знам дали си свесна, но всушност оној кој мисли дека не те заслужува, те заслужува најмногу. Вредна си за борба и упорност. Вредна си за мака и труд. Зошто тогаш попушташ? Бараш кавалер, а не му даваш прилика тоа да биде и да се покаже како таков. Биди, не само уште еден успех во низата, туку врв во „кариерата“! Немој да се сметаш за бронза, ако си вредна за злато! Започни да се прифаќаш и почитуваш на оној начин на кој си повикана.

Биди предизвик!

Јас сум машко и свесен сум за тоа дека сум повикан на борба за тебе и дека морам да вложам сè од себе како би те имал! Јас сум свесен, а и спремен за напор! Зошто тогаш толку ми олеснуваш? Создаден сум за освојување, а не ми даваш прилика за освојување. Наместо да ми дадеш прилика да ти го освојам срцето, ти ми го даваш самата од себе. Немој! Биди предизвик! Ако сакаш почитување и принц на бел коњ биди вредна за тоа патување. Немој да ми го дадеш своето срце, туку укради го моето. Џејсон Еверт еднаш рекол дека кога би дошол до срцето на девојката, дечкото мора да го убие змејот и да ја спаси принцезата. Всушност тоа и го барам од тебе! Немој да скокаш низ прозорот и сама да побегнеш од змејот во прегратките на принцот, туку дозволи самиот да те спаси. Биди предизвик!

Пасторал за млади/Ѓуро Равеншчак/С.С.

Категорија: Колумни

За авторот