Каков знак покажуваат папата Фрањо и кардиналот Тагле?

Интернет заедницата веќе неколку дена е „забавувана“ од глетката на Папата Фрањо и надбискупот на Манила кардиналот Луис Антонио Тагле кои покажуваат еден знак забележан на оваа како и на другите слики.

„Папата покажува сатански гест!“ едвај дочекаа да ги објават сликите тие кои обично не го сакаат папата Фрањо и неговиот понтификат ставајќи ги во контекст на различни теории на заговор.

Вистината е сосема поинаква – Папата и филипинскиот кардинал на оваа слика не покажуваат „ѓаволски знак“, гест кој е многу популарен меѓу љубителите на хеви метал и се поврзани со сатански секти, туку им порачуваат на глувонемите лица кои дојдоа да се сретнат со него дека ги сакаат.

Станува всушност збор за знак кој потекнува од САД, како дел од американскиот знаковен јазик за глувонеми кој од Северна Америка се прошири и во другите делови на светот – меѓу другите и на југоисточна Азија, регион во кој се наоѓа и Филипини. Знакот претставува 3 букви – I, L и Y кои се првите букви од фразата I Love You (Те Сакам). Знакот беше упатен на филипинското семејство Круз кое сведочеше пред Папата за својот христијански живот и чии членови (родителите и пет деца) се глуви.

Впрочем, тие кои побрзаа со својата теорија на заговор заборавија дека „ѓаволскиот знак“ и гест се покажува поинаку. Кај овој знак палецот е споен со двата среднии прста.

Инаку, „знакот со рогови “стана широко распостранет во популарната култура откако го популаризираше Рони Џејмс Дио, хеви метал пејач од групата Блек Сабат. Тој, како што покасно објасни, „го земал“ од својата италијанска баба. Тој знак се користи во некои италијански региони како суеверен знак со кој се протерува „лошата среќа“. Истовремено го користеле и некои рок групи кои биле поврзани со сатанизмот и сатанските секти. Денес тој знак стана „вообичаен“ во англо-саксоснката рок култура, но јасно е дека и често има негативно духовно значење.

Битно нет/З.А.

Категорија: Колумни, Свет

За авторот