Великиот пост е милосно време

Влегуваме во време кое го нарекуваме Велики пост, а претставува подготовка за нашиот најголем празник Воскресение Христово – Велигден (Пасха). Затоа времето на Великиот пост секогаш треба да го гледаме во перспектива на Воскресението Христово, бидејќи тоа е смислата и целта на постот. Великиот пост започнува на Чист Понеделник и трае до Воскресното утро.

Во Евангелието по Матеј Исус вели: И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот. (Матеј 5,23-24). Затоа е потребно пред да започнеме со Великиот пост да се помириме со Господ (преку светата Исповед), но и со своите браќа и сестри.

Често пати за време на постот се преферира само телесниот пост, а тоа не е постот во неговата длабока суштина. Ако ја нема духовната димензија телесниот пост прераснува во еден вид диета. Но како што Бог го создава човекот со тело и душа, така и постот, за да биде потполно корисен за човекот, треба да биде телесен и духовен. Од телесниот пост се ослободени болните и оние кои телесно не се во состојба да постат со храна, потоа родилките, бремените жени, малите деца и старите лица. Духовниот пост се состои од внатрешна борба и откажување послушност на гревот, ропството на идолите… Ако гревот на непослушност и невоздржување на Адам и Ева ни нанесе смрт, поради одвојувањето од Бог, постот, односно воздржувањето и отфрлањето на гревот е враќање во живот, соединување кон Бог и заедништво со Него. Процес преку кој духовно се бориме да ја вратиме првобитната природа. За да се постигне тоа Црквата ни нуди средства: пост, молитва и милосрдие. За време на постот се препорачува секој христијанин да се исповеди и да причести, да се нахрани духовно.

Постот не се однесува на надворешноста, туку на преобраќање на срцето, на внатрешен пост. Без тоа постот останува неплоден и лажен. Новиот завет ни го разјаснува големиот идеал на постот, осудувајќи го ставот на фарисеите кои слепо ги извршуваат законите, а нивните срца сепак се далеку од Бог. Вистинскиот пост, како што објаснува Христос на едно друго место од Евангелието значи да се врши волјата Божја, а Оној „гледа тајно, ќе те награди јавно“ (сп. Матеј 6,18). Целокупниот наш живот треба да го потрошиме вршејќи ја неговата света волја. Нашиот напор за преобраќање треба да биде искрен и да бидеме подготвени да се препуштиме на Божјата рака. За таквите христијани Бог секогаш е подготвен да ја дарува својата милост, а посебно сега во времето на Великиот пост.

Ова милосно време е погодно за одвојување од земските работи за да се свртиме кон Него; Бог сака да го напуштиме гревот, кој уништува и убива и да се вратиме кај Него изворот на Животот. Колку повеќе сакаме да припаѓаме на Господ, толку повеќе ќе примаме милости за нашите напори. Со Него секогаш ќе имаме сила за да ја надвладееме нашата млакост и сите оние наши слабости, кои ни изгледаат дека се несовладливи и за кои често велиме: Не можам да се поправам! Не можам да простам! Не можам….

Сега е времето милосно, сега е моментот за вистинска одлука на преобраќање и обновен живот со Христос. Бог нѐ чека!

 Пишува: о. Гоце Костов

Категорија: Колумни, Размислување

За авторот