Време на Великиот Пост

Време на Великиот Пост

Велигденскиот пост започнува со завршувањето на неделата која е позната како Сиропусна, која е наречена Прочка убавата традиција останата со векови меѓу христијаните во Македонија. Секој оној кој на Прочка собрал храброст да побара прошка и даде прошка сигурно денес ја чувствува убавината на Христовиот мир во себе и подготвеноста да го започне одот по Велигденскиот пост, односно подготвителниот период до Христовото Воскресение – Велигден.

Постот ги опфаќа сите луѓе и подразбира:

  • Целосно додржување на Десетте Божји заповеди

–     Поинтензивно и редовно учество во молитвениот живот

  • Правење добри дела
  • Особено внимателно да се избегнуваат озборувањето и вреѓањето

Што се однесува до конзумирањето на храна ги опфаѓа сите здрави луѓе меѓу 9 и 65 години.

Ослободени од стрикно додржување на постот се:

–     Жените кои се во блажена состојба (бремени) или дојат

–     Тешко болните

  • Оние кои извршуваат тешки работи
  • Оние кои патуваат (патници над 8 часови)
  • Оние што јадат од трпезата на другите
  • Оние кои добиваат милост (сиромашните)

Пропишано е во текот на целиот пост не правење свадби или други веселби и не учествување во гласни забави.

Строг пост е пропишан во Првиот ден од постот и денови од Страстната седмица. Тоа подразбира не конзумирање на месо, млечни производи и друга храна од животинско потекло.

Исто така е пропишано не конзумирање на месо целата прва седмица од Великиот пост и Страстната седмица, како и сите среди и петоци преку целиот пост. А преку целиот пост е пропишано и умереност во јадењето и пиењето.

Во овој краток текст се наведени минималните прописи за додржување на постот пред Велигден, секој кој се чувствува дека може да направи поголеми подвизи во оваа предвелигденско блажено време е секако повикан тоа да го направи.

Тоа подразбира

  • Помош на оние кои се во потреба
  • Особено внимание кон постарите и болните
  • Редовно учество на светата Литургија и читање на духовна литература
  • Одрекување од некои секојдневни навики, како на пример: користење на социјалните мрежи, пушењето, непотребни издатоци, уништување на природата…

Постот е блажено време во кое сме повикани да правиме се во покајнички дух и скротување на нашите грешни навики, во тоа ќе успееме ако се потпреме на Божјата помош и милост. Постот од обилно јадење сигурно не нѐ прави повеќе свети сам по себе но со сигурност ни дава сила за поуспешно додржување на чисти мисли во нашите срца и отвара можност за оставање простор за Господ Бог во нашиот секојдневен живот.

Исус вели:

„Кога постите, не бидете натажени како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата нажалени за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам дека тие веќе ја добиле својата награда. А ти кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно“(Матеј 6,16-18).

Отец Зоран И. Стојанов

Категорија: Колумни

За авторот