Папата: Четири категории на христијани кои го згрешиле патот

Исус е исправниот пат на живот. Важно е постојано да се потврдува дали одиме доследно по тој пат или искуството на верата исчезнало или пак е запрено на патот – е резимето на размислувањето на Папата на светата Литургија на 3 мај 2016.

Животот на верата е пат на кој се сретнуваме со различни видови на христијани, а папата Фрањо наведе неколку: христијани – мумии, христијани – скитници, тврдоглави христијани, христијани запрени на половина пат – оние кои запираат пред убавината на погледот и таму остануваат. Тие се луѓе кои од една или од друга причина заборавиле дека единствениот исправен пат е Исус, како што Господ му рекол на свети Тома: „Јас сум патот,“ „Кој ме видел Мене го видел мојот Отец.“

„Духовна мумија“

На прво место Папата го разгледа случајот на „христијнин кој не оди“, кој дава впечаток дека е балсамиран. „Христијанинот кој не оди, кој не оди по патот е нехристијански христијанин“ – рече Папата. „Не се знае што е. Христијанин кој малку е „поганизиран“: стои не оди напред во христијанскиот живот, не расте во блаженствата, не прави дела на милордието, туку само стои. Како да е „духовна мумија“. Не прави зло, но не прави ниту добро.

Тврдоглави, скитници и „христијани на половина пат“

Според Папата тврдоглав христијанин сфаќа дека го згрешил патот, но таа не е најлошата работа. Трагедијата е во тоа што е тврдоглав и вели: „Овој е патот“ и не дозволува Господовиот глас да му каже: „Врати се назад и започни по правиот пат.“ Следната категорија на христијани која ја наведе се „кои одат, но не знаат каде одат.“

„Тие се скитниците на христијанскиот пат“. Нивниот живот се состои во „кружење тука или таму, губејќи ја така убавина на приближувањето до Исус.“ Го губaт патот затоа што често погрешно свртуваат и ги води до „живот без излез: премногу често свртувањата се претвораат во лавиринти и тогаш не знаат како да излезат. Го изгубиле Исусовиот повик. Немаат компас како да излезат.“ Други пак ги „заведува убавината, работа заради која запираат на половина пат, фасцинирани од она што гледаат, идеја или предлог, патник… и стојат! Христијанскиот живот не е фасцинирање, туку вистина, Исус Христос“ – нагласи Папата.

Време за преиспитување

Разгледувајќи го сето тоа треба да се запрашаме: како ми оди христијанскиот пат кој го започнав на Крштението? Дали застанав? Дали го згрешив патот? Свртувам ли постојано не знаејќи каде одам духовно? Застанувам ли пред работи кои ми се допаѓаат – световноста, суета… – или секогаш одам напред, правејќи ги ефикасни блаженствата и вршејќи дела на милосрдие? Исусовиот пат – рече Папата – е полн со утеха, слава, но и крстови. Но секогаш со мир во душата.

„Да останеме денес со прашањето, да се прашуваме на пет минути… Каков сум на тој христијански пат?“ – праша папата Фрањо. Стојам ли? Дали го згрешив патот? Свртувам ли постојано, кружејќи? Или запирам пред работи кои ми се допаѓаат? Или пак се согласувам со Исусовите зборови: „Јас сум патот?“ Да го молиме Светиот Дух да нè поучи секогаш добро да одиме. А кога ќе се измориме, кратко да се обновиме и тогаш да одиме напред – рече на крајот Светиот Отец.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот