Папата до епископите од Замбија: Семејството треба да се штити од струјата која му се заканува

Треба да се поддржи христијанското семејство во борбата против струјата која му се заканува – истакна папата Фрањо во говорот упатен до епископите од Замбија кои се на „ad Limina„ посета, кои на 17 ноември 2014 година ги прими во аудиенција. Папата рече дека е во прашање животот на верата кога е семејството во опасност.

Говорејќи на епископите од Замбија дека семејството е основна клетка на општеството, Папата всушност се обрати до сите афрички епископи како и до епископите од целиот свет. Потсетувајќи дека постојат големи закани кои „се вперени против општествената и црковна стабилност“, особено против семејството, заклучи дека е во опасност животот на верата кога е во опасност семејството. Папата предупредува дека „празните ветувања на лажните учења, кои ги нудат лесните решенија во време на очај“ ги заведуваат особено сиромашните кои се борат за преживување.

Истакнувајќи ја црковната грижа за семејството во Замбија, епископите и свештениците ги поттикна да воспитуваат „цврсти христијански семејства“, кои длабоко ќе ја сфаќаат и сакаат верската вистина и така ќе бидат заштитени од струјата која се обидува да го „здроби“ семејството. Затоа е нужно да се поддржуваат католичките парови во „желбата да ја чуваат брачната чистота“ и „на сопствените деца да им обезбедат стабилна духовна куќа“ – рече Светиот Отец, поттикнувајќи ги епископите да бидат со младите во период на општо неснаоѓање кога настојуваат да го одредат и усовршат својот идентитет. Помогнете им во откривањето на радоста на брачниот живот, кој има свој благослов во децата – поттикна папата Фрањо.

Папата ги поттикна епископите да бидат татковци и пријатели на свештениците, да не ги забораваат најранливите членови на општеството, почнувајќи од заболените од сида. Тој ги поттикна да бидат храбри и покрај тешкотиите со кои нивната држава треба да се соочува. На крај Папата ги повика епископите „на отпор на материјализмот“, признавајќи ги вистинските потреби на народот.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот