Примајќи ги на аудиенција претставниците на општините кои донираа божиќна елка и јасли за Плоштадот свети Петар, Папата потсети на потребата да се донесат ефективни одлуки за заштита на нашиот заеднички дом
Тоа е оригинален начин за навестување на Евангелието во светот кој понекогаш се чини дека се плаши да се сети што навистина е Божиќ – рече вчера папата Фрањо, говорејќи за Божиќните јасли пред околу 600 претставници на две италијански општини кои ја донираа овогодинешната божиќна елка и јасли за плоштадот Свети Петар.
Дрвените јасли ги направиле занаетчии од Скурел, мало село во подножјето на Алпите, додека божиќната елка доаѓа од општината Ротцо, во близина на градот Виченца. Церемонијата за инаугурација, што се одржа вчера попладне, ја водеа кардиналот Џузепе Бертело и епископот Фернандо Вергез Алзага, претседател и генерален секретар на Управата на Државата на Градот Ватикан.
Благодарност и охрабрување
Папата изрази благодарност до претставниците на италијанските општини за донираните јасли и елка, но се осврна и на невремето што уништи многу области во провинцијата Венето минатата година. Денешната средба ми дава можност повторно да го охрабрам вашето население, кое претрпело катастрофална природна непогода минатата година, во која беа уништени цели шумски области. Ова се настани што нè плашат, алармот на сигнали што ни го пренесува создаденото и кои бараат од нас да донесеме ефективни одлуки веднаш за да го заштитиме нашиот заеднички дом – рече Папата.
Светиот Отец исто така изрази задоволство што ќе бидат засадени 40 нови дрвја на местото каде што беше исечена дониранота елка, како и неколку други дрвја наменети за разни места во Ватикан. Тој истакна дека дрвото што го донирале е знак на надеж за нивните шуми, за да ги расчистат што е можно поскоро и да започнат со пошумување.
Оригинален начин за навестување на Евангелието
Папата се потсети на посетата на Гречо минатата недела, каде го потпиша апостолското писмо „Admirabile signum“, за значењето на јаслите, што – како што истакна – е едноставен и прекрасен знак на нашата вера. Тој истакна дека е убаво родителите да ја пренесат оваа традиција на своите деца како и бабите и дедовците на внуци. Тоа е оригинален начин за навестување на Евангелието во светот кој на моменти се чини дека се плаши да се сети што навистина е Божиќ и ги брише христијанските знаци за да ги задржи само оние што припаѓаат на баналната, трговска имагинација – рече папата Фрањо.
Да се види Исус во оној што страда
Пред да го даде својот благослов, Светиот Отец повика на посредување на блажената Дева Марија, која го прими Синот Божји во слабоста на човековата природа, за да ни помогне да го видиме лицето на Исус кај оние што страдаат, и да нè поддржи во солидарност со најранливите и најслабите.
Ватикан њуз/к.мк