Кардиналот Зупи ќе ја посети Кина како дел од мировната мисија за Украина

Кардиналот Зупи ќе ја посети Кина како дел од мировната мисија за Украина

Кардиналот Матео Марија Зупи ќе престојува во тридневна посета на Кина како специјален пратеник на папата Фрањо со цел промовирање на мирот во Украина.

Канцеларијата за печат на Светиот Престол во вторник, 12 септември 2023 година, објави дека надбискупот од Болоња, кардиналот Матео Марија Зупи, ќе престојува во Пекинг, Кина од 13 до 15 септември 2023 година.

Кардиналот Зупи патува како специјален пратеник на папата Фрањо за промовирање на мирот во Украина.

Посетата е уште еден чекор во мисијата, со која Папата сака да ги поддржи хуманитарните иницијативи и да промовира патишта кои можат да доведат до праведен мир, се вели во соопштението од Канцеларијата за печат на Светиот Престол.

Во потрага по мир

Кардиналот Зупи беше во Берлин, Германија, каде учествуваше на средбата наречена „Храброст за мир“, чиј домаќин беше Заедницата Свети Егидиј.

Обраќајќи им се на новинарите на маргините на средбата, кардиналот Зупи ја истакна важноста да се стремиме за праведен и безбеден мир.

Во разговорот тој нагласи дека треба да се вклучат сите клучни меѓународни субјекти, додавајќи дека Украина треба да биде во состојба сама да го одреди својот пат кон мирот.

Мирот, рече тој, бара напор од сите, но тоа никогаш не е нешто што некој може да го наметне; тоа треба да биде мир кој ќе го изберат Украинците со гаранции, посветеност и заеднички напор.

Хуманитарни напори

Мисијата на италијанскиот кардинал првенствено вклучува дијалог и разговори со политички и црковни претставници, нагласувајќи ги хуманитарните аспекти на мисијата и важноста за постигнување мир.

Кардиналот Зупи претходно ги посети Киев на 5 и 6 јуни, Москва на 28 и 29 јуни и Вашингтон на 17 и 19 јули 2023 година.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот