Папата Фрањо: Да се биде христијанин значи да се припаѓа на Црквата

Понекогаш слушаме како некои зборуваат: „Јас верувам во Бог, верувам во Исус, но Црквата не ме интересира…“. Колку пати сме имале можност да го слушнеме тоа? Но тоа не оди. Има такви кои сметаат дека можат да имаат личен, непосреден, директен однос со Исус Христос надвор од заедништвото и посредувањето на Црквата – истакна папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција во среда 25 јуни 2014 година на плоштадот Свети Петар.

*******************************************

Драги браќа и сестри, добар ден!

Денес во салата Павле VI се наоѓа група на поклоници кои се поврзани со нас овде, тоа се болни поклоници. Поради ова време помеѓу топло и можност за дожд би било помудро да останат таму. Но, тие се поврзани со нас со големиот видео ѕид. И така сите заедно сме на ова аудиенција. И сите ние ќе молиме посебно за нив, за нивната болест. Благодарам!

Во првата катехеза за Црквата, одржана минатата среда тргнавме од иницијативата дека Бог сака да создаде еден народ кој ќе го носи Неговиот благослов на сите народи на земјата. Започнува со Авраам, а потоа со голема трпеливост – која Бог ја има, ја има многу – го подготвува тој народ во Стариот Завет и од Исус Христос прави знак и средство за соединување на луѓето со Бог и луѓето меѓусебно (Втор Ватикански Собор, конституција Lumen gentium, 1). Денес ќе зборуваме за важноста која ја има за христијанинот да припаѓа на тој народ. Ќе зборуваме за припадноста на Црквата.

1. Ние не сме изолирани и не сме христијани на поединечна основа, секој за себе: нашиот идентитет е припадноста! Ние сме христијани бидејќи припаѓаме на Црквата. Тоа е како некое презиме: ако името е „јас сум христијанин“, презимето е „припаѓам на Црквата“. Многу е  убаво да се забележи како таа припадност е изразена исто така во името кое Бог си го дава на Самиот Себе. Одговарајќи на Мојсеј, во чудесниот настан „огнен пламен во капината“ (Исход 3,15), Он себе се нарекува Господ Бог на татковците ваши, Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јаковов. Не вели: Јас сум Семоќен…, не: Јас сум Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јаковов. На тој начин Тој се покажува како Бог кој склопи сојуз со татковците и останува секогаш верен на својот сојуз и нѐ повикува да влеземе во тој сојуз кој е пред сите нас, кој е од она време.

2. Во тоа е смислата, да се сеќаваме со благодарност пред сѐ на оние кои биле пред нас и кои не примиле во Црквата. Никој не станува христијанини самиот од себе! Дали тоа е јасно? Никој не станува христијанин самиот од себе. Христијаните не настануваат во лабараторија. Христијаниниот е дел од народот кој постои одамна. Христијанинот припаѓа на народот кој се вика Црква и таа Црква го прави христијанин, на денот на крштението, а потоа преку катехези и така на ред. Но, никој, никој не станува христијанин самиот од себе. Ако веруваме, ако знаеме да молиме, ако го познаваме Господ и можеме да го прифатиме Неговото Слово, ако Го чувствуваме близок и Го препознаваме во браќата тоа е затоа што други пред нас таа вера ја живееле и потоа ни ја пренеле на нас, нѐ поучувале во неа. Верата сме ја примиле од нашите татковци, од нашите предци, тие нѐ учеа во верата. Ако размислиме добро кој знае колку драги лица во овој момент поминуваат пред нашите очи: тоа можат да бидат лицата на нашите родители кои барале крштение за нас; лицата на нашите дедовци и баби или некои роднини кои нѐ учеле да се прекрстиме и да ги молиме првите молитви. Во животот ми остана во сеќавање лицето на една монахиња која ми предаваше веронаука, секогаш се сеќавам – сигурно е во Небото, бидејќи е света жена – но јас секогаш се сеќавам на неа и Му благодарам на Бог за таа чесна сестра. Може тоа да биде и лицето на парохот, на некој друг свештеник, монахиња, вероучител, кои ни ја пренесувале содржината на верата и ни помагале да растеме како христијани…Ете, тоа е Црквата: големо семејство, во кое поединецот е примен и учи да живее како верник и ученик на Господ Исус.

3. Тоа одење во верата е возможно не само благодарение на други луѓе, туку заедно со други луѓе. Во Црквата не постои „направи сам“, не постојат „слободни“. Колку пати само папата Бенедикт ја опиша Црквата како „ние“ сме Црквата! Понекогаш слушаме како некои зборуваат: „Јас верувам во Бог, верувам во Исус, но Црквата не ме интересира…“. Колку пати сме имале можност да го слушнеме тоа? Но тоа не оди. Има такви кои сметаат дека можат да имаат личен, непосреден, директен однос со Исус Христос надвор од заедништвото и посредувањето на Црквата. Тоа се опасни и штетни искушенија. Тие се, како што зборуваше големиот Павле VI апсурдни пртивречности. Вистина е дека да чекориш заедно со другите е тешко, а некогаш може да се покаже и напорен: може да се случи некој брат или сестра да ни прават проблеми или да нѐ соблазнуваат… Но, Господ ја довери својата порака за спасение на луѓето на сите нас, сведоците; тој ни доаѓа во пресрет и дава да се препознае во нашите браќа и нашите сестри, со нивните дарови и нивните ограничености. А тоа значи да припаѓаш на Црквата. Името е „христијанин“, а презимето „припадност на Црквата.“

Драги пријатели да молиме од Господ, по заговор на Дева Марија, Мајка на Црквата, милост да не паднеме никогаш во искушение да мислиме дека можеме без другите, дека можеме без Црквата, дека можеме самите да се спасиме, дека сме христијани од лабараторија. Напротив, не може да се љуби Бог ако не се љубат браќата; не може да се биде во заедништво со Бог ако не сме во заедништво со Црквата и не можеме да бидеме добри христијани поинаку од заедно со оние кои настојуваат да го следат Господ Исус, како еден народ, како едно Тело, и тоа е Црква. Благодарам!

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот