Папата Фрањо: Христијанскиот живот не е терминална терапија, туку навестување на Христос во светот

Ватикан, 15.6.2013 /к.мк/ – Христијанскиот живот не значи „мирен живот додека дојдеме во Небото“, туку навестување на Христос, кoj „го зема нашиот грев“, за да се помират луѓето со Отецот. Тоа го посочи папата Фрањо за време на света Литургија во сабота 15 јуни во капелата на домот Света Марта во Ватикан. Заедно со Папата сослужуваа и кардиналот Џозеф Зен Це-Киун, Апостолскиот нунциј Хусто Малор и епископите Лук Ван Лои, од Белгија, Енцо Диечи, почесен помошен епископ во Рим и Антонио Сантасиеро од Хаучо во Перу.

Во своето размислување Папата се задржа на првото литургиско читање од Второто послание на светиот апостол Павле до Коринтијаните (5, 14-21) во кое апостол Павле го користи дури пет пати терминот „помирување“. Тоа го прави истовремено „со сила“ и „нежност“, свртувајќи се кон верниците со зборовите: „Ве молам во името Христово: помирете се со Бога!“:

„Што е помирување? Да земеме двајца и да ги помири: не, тоа е само еден вид помирување. Вистинското помирување е дека Бог преку Христос ги зеде нашите гревови и Тој стана за нас грев (2 Кор. 5, 21). Кога ние се исповедаме ги кажуваме нашите гревови и Бог ни простува. Ние се соочуваме со Исус Христос и му велиме: „Тоа е твое и јас уште веднаш пак ќе направам грев“. Нему тоа му се допаѓа, бидејќи тоа беше Неговото послание: да стане за нас грев и да нè спаси“.

Тоа е убавината и „скандалот“ на Откупувањето извршено од Исус. Тоа е, исто така, „тајната, што го инспирира свети Павле и го поттикнува да оди напред и да ја проповеда на сите љубовта на едниот Бог „кој го предаде на смрт својот Син за мене“. Сепак, констатира Папата, постои опасност да не достигнеме „никогаш до таа вистина“, бидејќи понекогаш го „обезвреднуваме христијанскиот живот“, сведувајќи го на листа на работи кои треба да се почитуваат, губејќи го на тој начин жарот и силата на љубовта, која е внатре во неа“:

„Филозофите велат дека мирот е еден вид спокојство во среденото: сè е уредно и спокојно. Тоа не е христијанскиот мир! Христијанскиот мир е немирен мир: тој е мир, кој оди напред, носејќи ја пораката на помирувањето. Она што Господ го бара од нас е да го навестуваме тоа помирување, што е вистинската срж на Неговота порака“.

На крајот Папата ги потсети присутните на крепостите врз кои се темели христијанскиот живот: „Исус Христос стана за мене грев! Моите гревови се таму, во неговото тело, во Неговата душа! Тоа е скандалот на Крстот!“:

„Да побараме од Господ благодат за да Го навестуваме Исус, да ни подари малку од онаа христијанска мудрост, која се раѓа токму од Неговото прободено од љубов, ребро. Да нè убеди дека христијанскиот живот не е терминална терапија: не значи да бидеме спокојни додека не дојдеме на Небото … Не, христијанскиот живот е по улиците, во животот и со ревноста на свети Павле да го навестуваме Исус. Пораката на Исус Христос владее со нас, таа нè упатува со исто чувство како оној којшто се чувствува дека Бог го љуби“. (В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<