Папата Фрањо: Кој не ги препознава сиромашните, го предава Исус

Папата Фрањо: Кој не ги препознава сиромашните, го предава Исус

Во пораката за Светскиот ден на сиромашните, кој се слави на 14 ноември, на тема „Сиромашните секогаш ги имате со вас“, папата Фрањо упати силен апел до христијаните и владите ширум светот итно и на нов начин да интервенираат, затоа што бројот на сиромашните, исто така поради пандемијата, се зголеми прекумерно. Треба да го промениме нашиот начин на живот, бидејќи себичноста предизвикува сиромаштија.

Во Витанија, Исус нè потсетува дека тој е првиот сиромашен човек, најсиромашен меѓу сиромашните затоа што ги претставува сите нив и во нивно име го прифаќа гестот на жена која ја помазува главата со многу драгоцено помазание – со тие зборови, во пораката за петтиот Светски ден на сиромашните што ќе се слави на 14. ноември, папата Фрањо ја објасни темата земена од Евангелието по Марко: „Сиромашните секогаш ги имате со вас“. Кога верниците сакаат да го видат Исус лично и да го допрат со рака, додаде тој, тие знаат каде да се обратат: сиромашните се Христов сакрамент, тие ја претставуваат неговата личност и упатуваат на Него.

Сиромашните се во центарот на одењето на Црквата

Во својата порака, Папата потсетува на критиките од Јуда Искариот, кој приговара што една жена истурила многу скапоцено миро врз главата на Исус во вредност од околу 300 денари, што според апостолот предавник, можело да им се даде на сиромашните. Всушност, забележува евангелистот Иван, Јуда не го кажал ова затоа што се грижел за сиромашните, туку затоа што бил крадец и бидејќи во него било кесето, земал од она што оставале во него. Папата затоа предупреди дека оние што не ги препознаваат сиромашните го издаваат Исусовото учење и не можат да бидат негови ученици. Сиромашните, истакна тој, се во центарот на одењето на Црквата.

Заради пандемијата има многу повеќе сиромашни

Денес, поради последиците од пандемијата, има уште повеќе сиромашни луѓе, бидејќи кога не носи страдање и смрт, таа во секој случај е предвесник на сиромаштијата – забележа Папата. Така, бројот на сиромашни се зголеми неизмерно и за жал, ќе има уште во следните месеци. Некои земји страдаат многу поради сериозни последици од пандемијата, така што најранливите лица се лишени од основните потреби. Долгите редови пред кујните за сиромашните се видлив знак за влошување на ситуацијата. Затоа е потребно да се најдат посоодветни решенија за борба против вирусот на глобално ниво, без да се стремиме кон пристрасни интереси.

Сиромаштвото не е плод на судбина, туку последица на себичноста

За жал, индивидуалистичкиот начин на живот го поддржува создавањето на сиромаштво и честопати на сиромашните им се префрла одговорноста за нивната состојба. Но, сиромаштијата не е плод на судбина, туку последица на себичноста – предупреди Папата и посочи дека се наметнува поинаков пристап кон сиромаштвото, што е предизвик за владите и светските институции, со кои мора да се соочи далекувиден општествен модел способен да влезе во пресрет на нови форми на сиромаштво, кои се присутни во светот и кои ќе ги одбележат следните децении. Ако сиромашните се стават на работ на општеството, како да се виновни за нивната состојба, тогаш самиот концепт на демократија е ставен во криза и секоја социјална политика станува неуспешна – посочи Папата.

Милостината не е доволна

Кога Исус вели „Сиромашните секогаш ги имате со вас“, тоа е повик никогаш да не ја изгубиме од вид можноста која ни се нуди да правиме добро – објасни папата Фрањо. Сепак, не станува збор за олеснување на совеста со давање милостина, туку за спротивставување на културата на рамнодушност и неправда со која се однесуваме кон сиромашните. Навистина, милостината е повремена; делењето пак е трајно. Првото може да го задоволи оној кој ја дава и да го понизи оној кој ја прима, додека второто ја зајакнува солидарноста и ги обезбедува потребните услови за постигнување праведност.

Да го препознаеме Христос во животот на сиромашните

За христијаните постои нераскинлива врска помеѓу Исус, сиромашните и навестување на Евангелието, рече Папата. Имено, лицето на Бога што Тој го открива е лице на Отецот за сиромашните и е близу до сиромашните. Целото дејствување на Исус потврдува дека сиромаштвото не е плод на судбина, туку конкретен знак за неговото присуство меѓу нас. Имено, ние не го наоѓаме Христос кога и каде сакаме, но го препознаваме во животот на сиромашните, во нивното страдање и сиромаштија, понекогаш во нечовечки услови во кои се принудени да живеат. Нема да се изморам повторувајќи, истакна Папата, дека сиромашните се вистински евангелизатори, бидејќи тие први беа евангелизирани и повикани да го споделат блаженството на Господ и неговото Царство. Сиромашните во сите прилики и во сите делови на светот нè евангелираат затоа што ни овозможуваат да ги откриеме на нов начин вистинските црти на лицето на Отецот.

Дон Примо Мацолари: Сиромашните треба да бидат прифатени, а не да се бројат

Папата Фрањо ја завршува пораката со зборовите на Дон Примо Мацолари: „Би сакал да ве замолам да не ме прашувате дали има сиромашни луѓе, кои се и колку ги има, затоа што се плашам дека ваквите прашања го одвлекуваат вниманието или пак се изговор за да се избегнат точно одредените упатства на совеста и срцата. Никогаш не сум ги броел сиромашните, зашто не можат да се бројат; сиромашните треба да бидат прифатени, не да се бројат “- стои на крајот од пораката на Папата за Светскиот ден на сиромашните.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот