Генерална аудиенција: Да не бидеме крути чувари на вистината, туку навестители на Христос, кој ослободува

Генерална аудиенција: Да не бидеме крути чувари на вистината, туку навестители на Христос, кој ослободува

По серијата катехези посветени на молитвата, папата Фрањо во среда 23 јуни 2021 година на Генералната аудиенција, која се одржа во дворот Свети Дамас, започна да размислува за содржини кои се важни за верата, присутна во Посланието до Галатјаните, истакнувајќи ја актуелноста на проблемите со кои се соочувале тие христијански заедници.

И денес, како во времето на Свети Павле, има проповедници кои се појавуваат, особено преку новите средства за комуникација, како вистински „чувари на вистината“, кои упорно укажуваат на тоа како најдобро може да се биде христијанин, а со тоа ги вознемируваат христијанските заедници. Пред ваквата реалност, папата Фрањо во својата катехеза на Генералната аудеинција нè потсети на патот по кој треба да се оди, а тоа е навестување на Евангелието Божјо, кој го љуби човекот преку распнатиот и воскреснат Исус.

Започнувајќи нова серија на катехези на теми, многу важни за верата, содржани во Посланието до Галатјаните, Папата ја спореди денешната ситуација со состојбата на првите христијани во Галатија, истакнувајќи дека овој текст изгледа е напишан за нашите денови. Свети Павле, како пастир и оној што ги основал овие заедници, забележал голема опасност.

Имено, во заедницата на тоа подрачје, се вовлекле некои христијани придојдени од јудаизмот, кои лукаво започнале да сеат теории спротивни на учењата на Свети Павле. Тие сметале дека паганите исто така треба да бидат подложени на обрежување и да живеат според правилата на Мојсеевиот закон. Затоа, тие треба да се одречат од својот културен идентитет за да се потчинат на прописите и обичаите карактеристични за Евреите. Овие противници на Павле отишле дотаму што тврделе дека тој не бил вистински апостол и дека нема никакво овластување да го проповеда евангелието.

Како што може да се види – забележа Папата – тоа е многу стара пракса да се претставуваш во некои прилики како единствен поседувач на вистината и да се трудиш да ја омаловажуваш работата на другите, па дури и со клевета. Тоа сме го виделе многу пати. Да се потсетиме на некоја христијанска заедница или некоја бискупија; започнуваат со приказните и на крајот го дискредитираат парохот, бискупот. Ова е токму патот на злобниот, луѓе што прават поделби, кои не знаат како да градат. Оваа процедура ја гледаме во Посланието до Галатјаните.

Затоа, Галатјаните не знаеле дали да го следат проповедањето на Павле или да им се покоруваат на новите проповедници кои го обвинуваат. Се чувствувале изгубени, како што може да им се случи на многу христијани денес. И денес има проповедници кои упорно тврдат дека вистинското христијанство е она кон што тие се приврзани, што честопати се поистоветува со одредени форми од минатото и дека решението за денешните кризи е да се оди наназад за да не се изгуби оригиналноста на вера.

И денес, како и тогаш, постои искушение да се затвориме во некоја сигурност стекната во минатите традиции. Но, како можеме да ги препознаеме овие луѓе? – праша Папата и забележа: На пример, една од белегот на нивниот начин на напредување е крутоста. Пред да го проповедаат евангелието кое нè прави слободни, кое нè прави радосни, тие се крути. Токму на ваквите луѓе им е својствена крутоста.

Папата затоа ги охрабри верниците да ги следат учењата на апостол Павле во Посланието до Галатјаните, односно да сфатат по кој пат треба да одат на дело, каде што делува Светиот Дух. Патот кон кој упатува апостолот е ослободителен и секогаш е новиот пат на распнатиот и воскреснат Исус; тоа е патот на навестување, кој се постигнува со понизност и братство. Новите проповедници не знаат што е понизност, што е братство; тоа е пат на нежна и послушна доверба; новите проповедници не знаат ниту за благост, ниту за послушност. Овој пат на благост и послушност продолжува со сигурноста дека Светиот Дух дејствува во секое време на Црквата. На крајот на краиштата, верата во Светиот Дух, присутна во Црквата, нè води напред и ќе нè спаси – рече папата Фрањо.

Што се однесува пак до Посланието до Галатјаните, Папата забележа дека содржи биографски информации за животот на апостол Павле кои ни овозможуваат да научиме за историјата на неговото преобраќање, но и за големото дело на евангелизација што го постигнал тој, кој ја посетил заедницата барем двапати за време на неговите мисионерски патувања.во Галатија.

Во поздравот до верниците на полски јазик, Папата се обедини во молитва со оние кои во саботата беа зафатени од големиот пожар во Нова Бијаја. Фала му на Бога, немаше жртви – рече тој, молејќи за милост на утеха, поддршка и човечка солидарност за оние што ги загубија своите домови и имот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот