Папата Фрањо: Семејството е наш сојузник

„Без семејството, Црквата не би постоела, не би била она што треба да биде: знак и средство на единството на човечкиот род“. Ова го истакна Папата во својот говор на средбата со епископите, присутни на Светската средба на семејствата во Филаделфија, последна етапа од неговата апостолска посета на САД.

За Црквата, рече Папата, „пред сè семејството не е причина за загриженост, туку среќна потврда на Божјиот благослов за ремек делото на создавањето. Семејството е главното место на Унијата на Црквата со Божјото создание“, истакна Папата.

Светиот Отец потенцира дека длабоката промена на модерната ера, која влијае на јавната и правната култура на семејните врски, ги опфаќа сите, верници и неверници. „Во минатото живеевме во еден општествен контекст во кој афинитетот меѓу граѓанската институција и христијанското таинство беше значаен и споделен: тие беа меѓусебно поврзани и се поддржуваа меѓусебно. Сега тоа не е така“, констатира Папата.

„Денес изгледа како светот да е претворен во еден голем супермаркет, каде културата стекна конкурентна динамика. Не постојат лични односи, односи на близина. Оваа култура ги стимулира луѓето да не се врзуваат со ништо и со никого. Да не се доверуваме и да не веруваме. Изгледа денес најважно е да одиш по последниот тренд или активност. Ова исто така важи и на религиозно ниво. Денес, потрошувачката одредува она што е важно. Се конзумираат односи, пријателства и религии. Потрошувачка, која не предизвикува врски, потрошувачка, која излегува надвор од рамките на човечките односи. Врските се претворија во чисто „посредување“ за прифаќањето на „моите потреби“. Ближниот, со неговиот лик, историја и чувства, престанува да постои“.

Ова однесување води до една култура која го отфрла сето она што „е непотребно“ веќе и „не ги задоволува“ потрошувачките вкусови. Тоа предизвикува длабока рана, радикална осаменост, на која се принудени многу луѓе, истакна Папата.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк.
Категорија: Ватикан

За авторот