Папата Фрањо: Не вели „јас сум христијанин“, а живееш како паганин

„Не се сите повикани како свети Стефан да ја пролеат сопствената крв, но затоа секој христијанин е повикан во сите околности да биде доследен на верата која ја исповедува“, рече папата Фрањо пред пладневна молитва Ангел Господов во петок 26 декември 2014 година. Папата потсети дека денес го славиме празникот на свети Стефан, првиот маченик на Црквата кој со дарувањето на својот живот за Царот над царевите покажува како да се живее полнотата на божиќното таинство.

Евангелието за денешниот празник ги дава Исусовите зборови до учениците: „И ќе бидете намразени од сите заради Моето име, но, кој претрпи до крај, ќе биде спасен.“ Овие Господови зборови не се мешат со прославата на Божиќ, туку го симнуваат лажниот слој на слаткоста кој не му припаѓа“, истакна Светиот Отец. Исусовите зборови ни дават до знаење дека „во искушенијата прифатени заради верата, љубовта го победува насилството, животот ја победува смртта.“

Денешното Евангелие го покажува патот како „вистински да се прифати Исус во нашите животи и да се продолжи радоста на светата ноќ:“ сведочејќи го Исус во понизноста, во тивкото служење, не плашејќи се да одиш против струјата и по цена на лична жртва. Сите христијани – нагласи Папата – повикани се доследно да ја живеат својата вера; не вели: јас сум христијанин и потоа живееш како паганин. Доследноста е милост за која треба денес да молиме.

Да го наследуваш Евангелието сигурно е „пат кој бара, но е убав, најубав“, истакна Светиот Отец, додавајќи дека кој верно и храбро го следи на крајот ќе прими дар кој Гопод го вети на луѓето со добра волја и кој ангелите го навестија во Витлеем; дарот на мир. „Мирот кој Бог го дарува може да ја смири совеста на оние кои во животните искушенија знаат да го прифатат Божјото Слово и се трудат упорно да ја го следат сѐ до крајот“, кажа Папата.

„Денес особено да молиме за оние кои се дискриминирани, кои се прогонети и убивани заради нивното сведоштво за Христос“, продолжи папата Фрањо. „Би сакал на секого од нив да им кажам: ако со љубов го носите тој крст, сте влегле во божиќното таинство, во срцето сте на Христос и Црквата.“

„Да молиме освен тоа преку жртвите на денешните маченици кои ги има многу , во сите делови на светот да се зацврсти заземањето за признавање и гарантирање на верската слобода која е неотуѓиво право на секое човечко битие“, додаде Папата. „Нека свети Стефан ѓакон и првомаченик нè поддржува на нашиот секојдневен пат, додека се надеваме дека на крајот ќе бидеме крунисани во радосното општетсво на светиите на небесата.“

После поздравот на Богородица Папата се заблагодари за сите примени божиќни честитки, но пред сè за молитвата. „Не заборавајте ја христијанската доследност, т.е. да мислиш, да чувствуваш и да живееш како христијанин, а не да мислиш како христијанин, а да живееш како паганин: тоа не!“ истакна уште еднаш на крајот папата Фрањо отпуштајќи ги верниците со својот вообичаен поздрав.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот