Папата Лав XIV ја посети Големата џамија во Алжир, истакнувајќи ја нејзината улога како свето место на молитва, дијалог и потрага по Бога.
Папата Лав XIV го означи почетокот на своето апостолско патување во Африка со посета на Големата џамија во Алжир, каде што го нагласи духовното значење на ова место и застана во молитвена собраност.
Пречекан од ректорот на џамијата, Мохамед Мамун ал Касим, кој упати зборови на братство, Папата рече:
„Ви благодарам за овие размислувања и за овие значајни зборови за време на оваа посета, од место што претставува простор кој Му припаѓа на Бога, божествен и свет простор, каде што многумина доаѓаат да се молат и да го бараат присуството на Севишниот во својот живот.“
Папата потоа се осврна и на својата лична духовна поврзаност со оваа земја преку Свети Августин, нарекувајќи го Алжир „земја на мојот духовен отец“, и ги истакна темите што се во средиштето на неговото обраќање: потрагата по вистината, признавањето на достоинството на секој човек и заедничката одговорност за градење мир.
„Да се бара Бога“, рече тој, „значи и да се препознае ликот Божји во секој маж и во секоја жена“, додавајќи дека таквото препознавање повикува на меѓусебно почитување и мирен соживот.
Папата укажа и на двојната, религиозна и интелектуална, намена на џамискиот комплекс, истакнувајќи ја важноста на развивањето на човечкото знаење за подобро разбирање на созданието и на достоинството на човечката личност.
На крајот тој увери во својата молитва за алжирскиот народ и за сите народи, изразувајќи надеж дека меѓу луѓето ќе растат мирот, правдата, помирувањето и простувањето.
За време на посетата, Папата беше придружуван од кардиналите Џорџ Јакоб Кувакад, префект на Дикастеријата за меѓурелигиски дијалог, и Жан-Пол Веско, надбискуп на Алжир. Програмата опфати обиколка на џамијата, официјално фотографирање и потпишување во Книгата на честа, во која Папата напиша:
„Нека милоста на Севишниот го чува благородниот алжирски народ и целото човечко семејство во мир и слобода.“
Големата џамија во Алжир
Големата џамија во Алжир е изградена по иницијатива на поранешниот алжирски претседател Абделазиз Бутефлика, како дел од неговата визија за умерена религиозност. Таа е трета по големина џамија во светот и може да прими до 120.000 верници.
Нејзиното минаре достигнува височина од 267 метри, што го прави највисоко во светот, додека главната молитвена сала е покриена со голема купола со пречник од 50 метри и висина од 70 метри. Надворешниот изглед на куполата ги спојува декоративните камени елементи со златни алуминиумски панели, создавајќи впечатлив визуелен ефект што упатува на традиционалните арапски уметнички мотиви.
Освен што е место за молитва, комплексот на џамијата обединува и бројни културни и академски содржини. Во неговиот состав има библиотека, истражувачки центар, музеи, административни простории, градини, панорамски тераси, ресторани и паркинг простор, со што тој претставува и значајно религиозно и граѓанско обележје.
Ватикан њуз/к.мк

