Папата Фрањо: Клеветникот заслужува вечна казна

Ватикан, 13.6.2013 /к.мк/ – Господ да ни ја подари благодатта да бидеме внимателни за она што го зборуваме за другите. Тоа беше желбата на Папата Фрањо упатена на света Литургија во четврток 13 јуни во капелата домот Света Марта. Литургијата беше служена на шпански јазик поради присуството на вработени од амбасадите и конзулатите на Аргентина во Италија и Светската организација за храна и земјоделство (ФАО).

„Вашата праведност нека ја надмине онаа на фарисеите“. Со овој повик на Исус од денешното евангелие (Матеј 5, 20) Папата Фрањо го започна своето размислување. Зборови, потсети тој, кажани по „Блаженсвата“ и откако Исус нагласува дека Тој не е дојден за да го поништи законот, туку да го исполни. Неговата „реформа не е, која раскинува со минатото, туку е реформа во континуитет: од семе до плод“. Она што е карактеристично за христијанскиот живот, рече Папата, е дека „има поголеми барања во споредба со другите и нема големи бенефиции“. Исус во евангелскиот извадок споменува некое од овие барања, а посебно внимание посветува на „темата за негативниот однос кон браќата“. Оној кој „клевети и проколнува“, вели Исус, „заслужува вечна казна“. Ако во срцето се прекрива „нешто негативно“ кон браќата, коментира Папата, „значи дека нешто не е во ред и треба да се промени“. „Гневот е навреда за браќата и е пат кој води до смртта, убива“, посочи Папата Фрањо. Навредите, истакна Папата се „еден вид клевета кон другите“.

„Не е потребно да одиме на психолог – рече Папата – за да сфатиме дека кога некој го клевети ближниот тоа го прави бидејќи тој самиот не може да израсне и има потреба да го понижи другиот за да се почувствува дека е важен. Ова е еден „грд механизам“. Исус, истакна Светиот Отец, со едноставност вели: „Не зборувајте лошо еден за друг. Не се клеветете. Не се понижувајте“. Тоа е затоа што сите одиме по истиот пат што ќе нѐ однесе до крајот“. Затоа, рече Папата Фрањо, „ако работите не одат братски, сѐ ќе заврши лошо“. Папата истакна дека „ако не сме способни да владееме со зборовите, тие се погубни“. „Природната агресивност, таа што Каин ја имаше кон Авел, се повторува низ историјата“, потсети Папата. Не дека ние сме лоши, истакна тој, „туку сме слаби и грешни“. Затоа, многу едноставно е „да се реши една ситуација со навреди или клевети отколку со добри манири“.

„Сакам да измолам од Господ да ни ја дарува на сите благодатта за да бидеме внимателни кон она што го зборуваме за другите“. Тоа е едно мало покајание, додаде Папата, но „дава добри плодови“. Да измолиме од Бог благодат „за да го приспособиме живот според овој нов Закон кој е закон на понизноста, љубовта и мирот. Да се научиме да бидеме „господари на јазикот, да се господари со коментарите кон другите или активностите што нè водат кон навреда или гнев. Господ на сите да ни ја подари оваа благодат!“. (В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<