Папата Фрањо до болните и здруженијата што се грижат за нив: Вие сте дар за Црквата

Страдањето само по себе нема вредност, туку Исус нѐ учи да ја живееме таа стварност со вистински став, ова се зборовите што Светиот Отец ги упати во сабота 17 мај 2014, до двете меѓународни здруженија чии членови: свештеници, браќа и сестри, во потполност се посветуваат на негата на болните, немоќните, старите и личностите што трпат.

Прославувате сто години од раѓањето на својот основач, блажениот Луиџи Наварес, свештеник вљубен во Христос и во Црквата, и вистински апостол на болните. Неговото искуство на страдање, што го проживеал во детството, го направи многу чувствителен на човечката болка, истакна Папата. Поради тоа го формирал и ова здружение, кое и денес го продолжува неговото дело.

Би сакал со вас да се присетам на едно од Блаженствата: Блажени се тие што плачат, бидејќи ќе бидат утешени (Мт 5,4). Со овие пророчки зборови Исус цели кон состојбата на земниот живот која на секој му недостасува нешто. Некој плаче бидејќи му недостасува здравје; некој бидејќи е сам и несфатен… Мотиви за страдање има многу. И самиот Исус во овој свет искуси жалост и понижување. Сите човечки страдања ги собра и ги вметна во своето тело; ги доживеа до дното, едно по едно. Ја познаваше секоја жалост; било да се работи за морална или телесна: искуси глад и умор, горчина на неразбирање; беше предаден, напуштен, камшикуван и распнат, рече Папата.

Но, велејќи: Блажени се оние што плачат…, Исус жалоста и тешката состојба не сака да ја прогласи за среќна. Страдањето само по себе нема вредност, туку Исус нѐ учи таа стварност да ја живееме со вистински став. Постојат вистински и погрешни начини на поднесување на болката и страдањето. Еден од погрешните начини е оној кога болката се проживува на пасивен начин, препуштајќи ѝ се на инерцијата и помирувајќи се со тоа. Ниту одбивачката и бунтовничката реакција, истотака, не е исправна, смета папата Фрањо. Исус нѐ учи болката да ја живееме прифаќајќи ја стварноста на животот со предавање и надеж, внесувајќи ја во самото страдање Божјата љубов и љубовта кон ближниот. Така љубовта ја менува секоја работа, истакна Светиот Отец.

Токму тоа ве учеше блажениот Луиџи Новарес, поучувајќи ги болните и неспособните, своето страдање и мака да ги вреднуваат во рамки на апостолското делување кое напредува во верата и љубовта кон ближните. Болните треба да се почуствуваат сопственици на сопствениот апостолат. Болната и немоќната личност може да стане подршка и светло за другите болни, менувајќи го така озрачјето во кое живеат, истакна Папата.

Со оваа каризма вие сте дар за Црквата. Вашето страдање, како и Исусовите рани, од една страна се искушение за верата, но, од друга страна, тие се и доказ за верата; знак дека Бог е љубов; дека е верен, милосрден и утешител. Соединети со Воскреснатиот Христос, вие сте активни носители на спасението и евангелизацијата (Christifideles laici, 54). Ве поттикнувам, во своите парохии да им бидете близу на оние што трпат,како сведоци на Воскресението. Така ја збогатувате Црквата и соработувате во пастирското послание, молејќи и прикажувајќи го своето страдање, истотака и за нив, затоа ви благодарам. Драги пријатели, Богородица нека ви помогне да бидете вистински работници и доброволци на Крстот и страдањето, носејќи ги своите крстови и страдање со вера и љубов, заедно со Христос. Ве благословувам и ве молам да се молите за мене, заврши Светиот Отец.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот