Молитвената накана на Папата за септември: За укинување на смртната казна

Молитвената накана на Папата за септември: За укинување на смртната казна

Во својата молитвена накана за септември, папата Фрањо ги повикува сите луѓе со добра волја да се мобилизираат за да се постигне да се укине смртната казна во целиот свет.

Секој ден во целиот свет расте тоа „не“ на смртната казна. За Црквата тоа е знак на надеж, рече Светиот Отец во видео пораката која ја подготви Папската светска молитвена мрежа.

Објавувајќи ја молитвената накана за месец септември, Папата во пораката тврди дека општеството може ефикасно да го сузбие криминалот, без трајно лишување на сторителот од можноста за искупување.

„Во секоја осуда секогаш мора да постои прозорецот на надежта. Смртната казна не нуди правда на жртвите, туку поттикнува на освета. И ја избегнува секоја можност за поправање на можни правни грешки.“

Понатаму, Папата вели дека смртната казна е морално неадекватна затоа што „го уништува најважниот дар кој сме го добиле, а тоа е животот.“ Светиот Отец нагласува дека „човекот може до последниот час да се преобрати и да се промени.“

Во светло на Евангелието, смртната казна е недопуштена: заповедта „не убивај“ се однесува исто и на невините и на виновните, кажа папата Фрањо, завршувајќи ја пораката со апел до сите луѓе со добра волја да се мобилизираат за да се постигне тоа, да се укине смртната казна во целиот свет.

„Да молиме смртната казна, која ја напаѓа неповредливоста и достоинството на личноста, да се укине во законите во сите земји во светот.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот